Saturday, December 2, 2017

ОПСЕСИЈА БР. 1

Насловот на приказнава можеби звучи прилично бенигно за оние коишто не биле жртва на нечија болна опсесија. Оние што искусиле, веднаш ќе знаат да ја измерат тежината на овој наслов. Опсесијата знае да биде многу страшна социјална девијација и да се постави како граничен феномен на опасна психопатологија. Опсесијата знае да се стори сериозна болештина која може да предизвика страв за животот на жртвата којашто недолжно западнала во канџите на опседнатиот створ.  


Во мојот живот минав половина век и кусур меѓу најразличен видови човечки единки и секакви ентитети. Не знам за останатите, но јас неколкупати имав блиски средби со психопати кои се имаа опседнато со мене, практично непредизвикани со ништо од моја страна. Се опседнуваа просто со моето биолошко постоење. Ги дразнеше мојот живот, моето присуство на овоземските четири димензии. Просто е за неверување фактот дека ништо не зависи од вас во  процесот на проклетата фиксација на психопатот што ве демне и како сенка го следи вашето кревко тело. Во мојов половина век ја имав таа невидена "среќа" да бидам интензивно демнета од неколку опседнати психопати.

Кога бев млада тоа ме вознемируваше и ме изместуваше од рамнотежа како некоја паранормална активност. Како одминуваа годините и како се нанижаа профилите од моите лични психопати, сериозно обземени со тежината на опсесивните пориви, јас перманентно отрпнував. Додуше, последниов мој личен психопат сеуште не е ставен под контрола. Се некако чинам дека серијата од моите кратки раскази може да го освестат и да го одвратат од неговата попуста зла намера да ме следи, демне, тормози и мрази без основана причина до крајот на животот. 

Правта личност која пред 23 години се имаше опседнато со мене беше една Сузе, сестра на моја пријателка, за што ќе ви раскажам редум. Токму во тој страшен зимски период на опсесијата на непознатиот ентитет, само што ќе се приберев дома и ќе запалев светло во мојот стан, ќе ми заѕвонеше фиксниот телефон (тоа време имав само таков). Притоа јавувачот си молчеше и ме слушаше како губам нерви при секое негово/нејзино јавување. Јас го прашував непознатиот јавувач што сака од мене, и зошто ме вознемирува, но никаков вокален одговор не добивав за возврат. Еден ден се сетив да го прашам мојот личен манијак дали сака да ми одговара со помош на тропкање на слушалката, и тоа едно тропкање за ДА, а две тропкања за НЕ. На манијакот изгледа му се допадна предлогот за воспоставување на двонасочна комуникација, па фати да ми тропка во знак на соодветен одговор на секое мое прашање. Од селективните да/не одговори разбрав дека умоболникот ме гледа со дурбин, зашто живее во некоја од зградите наспроти мојата, и оти од прозор го гледа палењето на светлото кога ќе си дојдам дома. Се распаметив, го угаснав светлото и веднаш отидов во полиција. Цајканите ме упатија со пријавата да одам во пошта за да ми постават уред кој се нарекуваше  "ловец" за да ги евидентираат сите дојдовни повици. Потоа, со споредба на моите временски записи за манијачките повици, еднозначно се доби бројот од кој извираше манијакалното звонење. Излезе дека инкриминирачкиот број е од родителите на мојата блиска пријателка. Таа моја пријателка имаше сестра, една чудна девојка, Сузе. Таа млада личност ништо не студираше и по цел ден спиеше во својата соба која некако беше на опсесивно-компулсивен начин целата облепена со постери од Цеца и Аркан.  Знаев дека е таа манијакот. Веднаш по добивањето на извештајот јас заминав кај родителите на девојките со непобитниот доказ - списокот од умоболничките јавувања, со надеж дека ќе ги уверам во сериозноста на случувањата. Сузе беше излезена, па од родителите на Сузе побарав да преземат превентивна мерка на лекување на девојката. Им реков дека вознемирувањето е сериозно, дека полицијата знае за ова и дека треба најитно да интервенираат. Наместо извинување, и утеха, јас од тие луѓе добив одговор дека "то није могуќе", и да "изаѓем из њихове честите куќе, да ми не назову милицију." За вистинско чудо, после мојата навидум неуспешна интервенција, манијачките повици сосем стивнаа. 

Половина година подоцна ја сретнав таа Сузе целата изнашминкана со силно зелена сенка околу очите и невнимателно нанесен бордо кармин на усните, како со мајка си стои во енормно долгата редица во Комерцијална банка во населбата Аеродром. Штом ме здогледа, таа на сет глас ме ослови по име, па пред бројната публика од клиенти и вработени на банката искажа нешто во стилот дека сум имала многу убава уста и дека многу сакала да ме "пољуби во уста". Ни крива ни должна, го напуштив редот без да си земам чекови, па како мува без глава, со свенат поглед и посрамена заминав низ излезната врата, со надеж дека никој од овие сведоци не ме познава.  

* * *

Наскоро ќе следува Опасна опсесија Бр. 2.