Пимплањето на мачорот
Порфириј Петрович
Мимоза Ристова
До пред некое време сакав сé да се расчисти за една седмица. Сонував за
тоа, сите осомничени за тешки криминали против државата и граѓаните да се
притворат на спектакуларен начин и фигуративно да се сневидат за век и веков од
политиката и јавниот живот. Сонував за
специјален суд во Штип. Мечтаев да се изолираат во карантин - специјална казнено-поправна
установа на преспанскиот Змиски Остров (Голем Град) и да се витосаат од пред очите на човештвото.
Ете, ќе признаам и дека реваншизмот во мене надвладеа, тадури посакував и да остварат
блиски средби со “надарени
шиптари” во тие установи.
Но, еве, последниве денови почнува
многу да ми се допаѓа играта на “мачката” кога се заигрува
подбивно со глушецот пред да го потомори. Гледајќи ги деновиве сите превирања и
кошкања помеѓу доброто и злото (читај СЈО и Судот) јас посакав да останам уште
некое време во гледалиштето и саможиво да навивам за пимплањето на мачорот. Можеби
звучам крвожедно, но сепак уште малку сакам да се насладувам на овој призор на
мачор што нежно и игриво го тумба со шепите глушецот одлево надесно и го дрибла обратно.
Та не можам да му одолеам на делот кога во паузата помеѓу две последователни
сесии од мачорско пимплање, глушецот ќе се понадева дека ќе му ја спрашти и ќе
куртули. Тогаш агилниот мачор одново го заробува со еден елегантен потег на шепата врз
долгиот му опаш.
Засега уживам, иако, додуше многу се плашам да не ми падне жал
за гадниот канализациски стаорец, зашто чудна е човековата природа. Замислете,
еден ден на судот психијатрите да донесат вешто мнение дека глувците биле
сериозно злоупотребувани во детството па од немајкаде се сториле злосторници, зарем
нема да ви падне жал? Што ако самите не се виновни за извртената психа?
Сличен призор на играта мачка-глушец најсочно има опишано маестро
Достоевски. Имено, убиецот на лихварката
Аљона Ивановна, Родион Романович-Раскољников,
лежи болен во својата најмена сиромашна студентска одаја, и додека во агонија блада
од огновите на војната што се бие во неговиот тесен череп помеѓу казната на совеста и тежината на стореното
злосторство, на визита му доаѓа инспекторот Порфириј
Петрович. Тој не го апси престапникот Раскољњиков спектакуларно, туку мачорски игра со него разни перфидни психолошки игри. Го остава глушецот на
слобода, иако има доволно докази за да го приведе. Тој го чека младиот
злосторник самиот да си ја раскаже вистината и да си побара казна. Едноставно
психосадистички го измачува, и го доведува до точка на психосоматска неподносливост. Само
што, кај маестро Достоевски и кај авторите на Том и Џери, Вилијам Хана и Џозеф
Барбара, глушецот не е дизајниран да предизивика емоции на негативец. Повторно се посрамив од себе си од идејата дека можам да почнам да сочувствувам
со страдањата на страшните глодари-штеточини.


Но, сепак, колку и да уживам, јас се плашам дека додека бегаат, гнасите ќе
го реализираат својот лајт-мотив “После мене потоп”. Затоа
на Порфирие Петрович и на мачорот-психодриблач им препорачувам најгадните штеточини да ги
играат со големо внимание, да отворат 100 пара очи за да ја сочуваат браната
Козјак, за да не дојде до вистински потоп.
(Сликите се позајмени од Интернет од стрипот за возрасни Maus and Cat, и од dailymail.co.uk)