Showing posts with label СЈО. Show all posts
Showing posts with label СЈО. Show all posts

Saturday, November 18, 2017

Правдата што извира од очите на Фатиме Фетаи

Ја запознав Фатиме уште кога си беше обвинител во ОЈО, т.е. пред  да стане селебрити-СЈО. Еве ја приказната за тоа несекојдневно запознавање. 


Ја обвинувам обвинителката


Но да се вратам наназад 3-4 години. Само што се бев вратила по едногодишниот престој од Америка, каде престојував како визитинг професор на Беркли, јас  веднаш и напишав писмо на обвинителката која го добила мојот предмет за да ја известам за враќањето. Имено, од ОЈО барав кривично да го гони таткото на моите деца поради неплаќање издршка. Но, предметот до моето заминување со децата за САД не беше уште распределен, па јас овластив една моја пријателка - адвокатка што ќе ме застапува за време на отсуството. Адвокатката Коцарева имаше задача да го запознае надлежниот обвинител за моето отсуство. И така, по враќањето јас три месеци не добивав покана за да посведочам за криминалното однесување на таткото на моите деца, кој инаку е полн како брод, но беше цврсто решил да не плаќа издршка за децата туку парите интензивно да си ги троши само на млади русинки/украинки, фацијални лифтинзи, третмани за подмладување,  абдоменални липосукции, набавки на разни други напитоци за долговечност, операции за расадување  коса од кај тилот кон предните опустошени регии. Човекот наместо за прехрана и образование на децата се беше пуштил во себе честење со севозможни "фонтани на вечната младост". Поради мојот финансиски очај наспрема неговото расипничко лудило јас еден ден смртно се разлутив и напишав до OJO ургенција во која јас, Мимоза Ристова, ја обвинувам обвинителката Фетаи  дека таа намерно го одолговлекува предметот. Ја обвинив дека  не ме повикува само за да му услужи на таткото, кој е инаку дебело врзан со тогашната коруптивна власт на ДПМНЕ и ДУИ. И пишав дека поради недостиг на финансии и нејзиното неразумно одолговлекување веќе ги имав огласено за продажба клавирот и флејтата на моите деца, како прв луксуз без кој може да се преживее, и секако и ги закачив и линковите од Пазар3 како доказ. Најдолу во писмото и го запишав мојот  мобилен телефон, притоа во себе помислувајќи си "жими Ашима што обвинителката ќе ми се јави и со мене ќе сака да поразговара како со човек, после ова мое писмо".


Телефонскиот повик од Фатима

И така, поминаа едно 10 дена од моето обвинение кон обвинителката. Тоа пладне бев седнала на кафе во еден кафиќ во Аеродром со еден човек што прв пат го гледам. Една моја бивша докторантка ми го имаше препорачано за да ми направи натален хороскоп кој ќе ми помогне да си ги најдам природните астрономски теченија, да не одам контра влијанијата на Вселената за полесно да запливам низ релативистичкиот простор-време. Таа знаеше дека просторот и времето имаат направено пакт против мене, дека многу ме тормозат и дека редовно ми ги јадат џигерите. И така, јас и тој Мухамед од Белград разговараме на темата знаци, асцеденти, куќи и триста аспекти кои не умеам да ги пренесам, пошто сум неука во астрологијата. Додека тој на лаптопот ми го покажуваше небото во моментот на моето рождение, ми зазвоне мобилниот.
               - Дали е тоа Г-ѓа Ристова Мимоза?
               - Да. Јас сум.
               -На телефон Обвинителка Фатиме Фетаи. Од вас добив едно многу навредливо писмо.
                - Навредливо??? Дали сте свесни колку сум јас навредена што не постапувате по овој сериозен предмет - неплаќање издршка? Дали вие мислите ...... и почнав да се карам со неа ...
              - Ама како си дозволувате да ми импутирате поврзаност со било која партија????...- и таа го покрена тонот за да ме надвика. Јас обично лесно се раскарувам, но и оваа не беше баш со долг фитил. Почна да ме обвинува дека обвинението кон неа е бесмислено и срамно.
                - И за која цел ми се јавивте? За да се караме??? А мислите ли нешто да преземете за предметот, или тој не е важен за вас. Моите деца и јас ќе ја чекаме вашата милост до кога? Кога ќе ме повикате? - и натаму се жестев како накострешена мачка.  
              - Ама престанете со тие обвинувања веќе. Дојдете еве сега. Веднаш ако сакате. Ве чекам.
                - Ама како тоа сега..? Па јас треба да одам до дома да ги земам документите. Јас не сум дома, туку на еден состанок. Надвор сум.... - бев убедена дека таа ме провали дека денгубам во кафиќ и дека е свесна дека атмосферата, џагорот и музиката се 100% кафански.
                Но нејсе.  Веднаш, го забаталив кутриот познат Белградски астролог за 1 минута, кажувајќи му дека изгледа ѕвездите инстантно почнаа да се доведуваат во некаков посреќен редослед. Му платив за хороскопот, а тој одби да ги земе парите, заради незавршените анализи.

Во обвинителство

Се качив во насловеното сопче во кое ме чекаа обвинителката Фетаи со уште две службенички. Чинам, женава од старт ме мразеше од дното на душата. Беше трудна до заби, но добро се држеше. Бременоста многу убаво и прилегаше на виткото тело. Ја болеше 'рбетот и кога седнуваше, правеше гримаса на болка. Беше напупена во мевот како да беше проголтала лубеница, од помалите. Јас пак, веднаш паднав во очај дека сум паднала во рацете на некоја, која ем е по партиски клуч напикана на место што не го заслужува, ем е бремена и со намалена работоспособност и слаба мотивираност. Си мислев дека ќе гледа да ме откачи на брзина и дека ќе ме казни поради беобзирноста во комуникацијата со неа.   Почна да ги зема моите генералии и да и диктира на дактилографката.  Повремено ќе ме прострелаше со двата сафира со таков презир, да верувам, да бев некоја друга, ќе се онесвестев од страв. Во ледените мразови што ласерски трештеа кон мене таа како да сакаше да ме замрзне, па да ме фрли во некое ледено море за да ме раздаде како храна за гладните китови. Кога започна распитот, јас почнав емотивно да говорам за нашата домашна приказна, за таткото кој е неодговорен, за моите маки да обезбедам за живот и малку среќа. И појаснував дека поради сето тоа не можеме да живееме во обична стабилна рамнотежа, а да не збориме за благосостојба. И документирав дека тој човек ни ги разнишува потпорните столбови во семејството. Од регистраторот и давав нови и нови документи за да ги докажувам сопсвтените аргументи. Истовремено, од моите искази, кои можеби биле некако преекситирани, емотивни и дури и хаотични, таа во записникот  диктираше парафразирани и лекторирани реченици. Таа составуваше онакви реченици какви што требало самата да изговорам. Создаваше совршено литературни искази на македонски јазик. Повремено, на дактилографката и појаснуваше каква интерпункција да употреби. Кажуваше каде запирка, а каде треба точка и запирка, а каде две точки. Низ течението на исказот, Фатиме постепено си го трансформираше погледот кон мене, па од поглед на кучка што радо би земала кожен камшик за да ме искамшикува по гол грб, таа почна да ме гледа со мексот и топлина. Почна да ме испрашува со сѐ помеки и попријателски прашања, внимавајќи притоа да не предизвика плач во мојот гранично растреперен глас. Мојата болка поради неправдата кон моите деца допираше се подлабоко до нејзината правдољубива душа. Постепено мразот во очите на обвинителката Фетаи се стопи и стана чај од мајчина душица. Заштитнички се постави кон мене. Очигледно беше дека сочувствува со мене и со моите деца. Кога распитот заврши, таа ми го даде бројот на мобилниот, за да и се јавам утредента штом  ја донесам оригиналната судска пресуда за издршката. 

Утредента

Ја побарав обвинителката Фетаи по мобилен за да и кажам дека сум пред писарницата. Таа се симна целата задишана, и од архиварот го подигна документот што го должев. Рече дека за некој ден заминува на породилно отсуство, и дека обвинението ќе го покрене веднаш. Ми рече дека ќе бара итно рочиште во Суд поради итноста на материјата и поради нејзината блажена состојба. И се заблагодарив и притоа и изреков разноразни благослови за неа и нејзиното бебе. Таа жена беше целата олицетворение на правдата. Таа беше создадена за да дели правда. Како мене е, си велам. Имало и други жени витези, амазонки, си помислив. Но, дај да не си правам бајрам на паметот. Можеби ништо нема да испадне од сето ова. Може вечер на полноќ ќе се породи и предметот ќе заскита во нечија друга фијока. И толку од нејзината љубов за правда за моите деца.

Пресуда

Немаше ни три седмици, кога стигна известувањето од Кривичниот Суд, дека таткото е осуден со казнен налог.  Тоа значи, ако не плати сѐ што должи, дека ќе го пикнат во затвор. Ќе биде обратно од она што тој им го верглаше со години на моите деца: дека тој мене, не знам точно за што, ќе ме напикал во затвор. Тоа беа ВМРО-вските закани со кои живеев долги мачни режимски години. 

Ете драги мои, тоа е за мене Фатима. Правда. Слика и прилика на големата Јустиција. Слепа правда која сопственото его го остави настрана и посегна да побара казна за сторителот на делото, за да моите деца добијат тоа што им следува по законот. Замислете, таа навредената од мене и криво-обвинета дека е ВМРО/ДУИ инсталација, се надмина себе си и постапи праведно. Таа експресно го заштити правото на моите деца.  

Тенденциозно и злобно

И кога ќе чујам искомплексирани чеда грешни овоземни, премачкани со смрдеата на 7 смртни гревови, како се дрзнуваат да нападнат една сериозно професионална жена (нема да ја фалам колку е згодна и паметна) само поради периферни и ирелевантни за правдата, детаљи, јас сакам да се исповратам. Од злоба и тенденциозно се обидуваат да ја снижат, небаре така ќе бидат поголеми во сопствените очи. Тие грешници од петни и од други жили се кадри да и изнајдат микроскопска прашинка на трепавиците за да ја распнат на крст.

Тие дрски морализатори треба да сфатат дека Фатиме во оваа држава да смее да биде роб на лажните морални кодови создадени од тешки грешници. Ајде да ве видам, кој не грешел нека го фрли првиот камен. А каде згрешила, оваа еманципирана и професионална жена, ви се молам?? Има ли таков што ќе каже каде згрешила???? Да ве чујам???


Monday, February 22, 2016


Пимплањето на мачорот Порфириј Петрович

Мимоза Ристова

До пред некое време сакав сé да се расчисти за една седмица. Сонував за тоа, сите осомничени за тешки криминали против државата и граѓаните да се притворат на спектакуларен начин и фигуративно да се сневидат за век и веков од политиката и јавниот живот. Сонував за специјален суд во Штип. Мечтаев да се изолираат во карантин - специјална казнено-поправна установа на преспанскиот Змиски Остров (Голем Град) и да се витосаат од пред очите на човештвото. Ете, ќе признаам и дека реваншизмот во мене надвладеа, тадури посакував и да остварат блиски средби со надарени шиптари во тие установи. Но, еве, последниве денови почнува многу да ми се допаѓа играта на мачката кога се заигрува подбивно со глушецот пред да го потомори. Гледајќи ги деновиве сите превирања и кошкања помеѓу доброто и злото (читај СЈО и Судот) јас посакав да останам уште некое време во гледалиштето и саможиво да навивам за пимплањето на мачорот. Можеби звучам крвожедно, но сепак уште малку сакам да се насладувам на овој призор на мачор што нежно и игриво го тумба со шепите глушецот одлево надесно и го дрибла обратно. Та не можам да му одолеам на делот кога во паузата помеѓу две последователни сесии од мачорско пимплање, глушецот ќе се понадева дека ќе му ја спрашти и ќе куртули. Тогаш агилниот мачор одново го заробува со еден елегантен потег на шепата врз долгиот му опаш. 

Засега уживам, иако, додуше многу се плашам да не ми падне жал за гадниот канализациски стаорец, зашто чудна е човековата природа. Замислете, еден ден на судот психијатрите да донесат вешто мнение дека глувците биле сериозно злоупотребувани во детството па од немајкаде се сториле злосторници, зарем нема да ви падне жал?  Што ако самите не се виновни за извртената психа?


Сличен призор на играта мачка-глушец најсочно има опишано маестро Достоевски. Имено, убиецот на лихварката Аљона Ивановна, Родион Романович-Раскољников, лежи болен во својата најмена сиромашна студентска одаја, и додека во агонија блада од огновите на војната што се бие во неговиот тесен череп помеѓу казната на совеста и тежината на стореното злосторство, на визита му доаѓа инспекторот Порфириј Петрович. Тој не го апси престапникот Раскољњиков спектакуларно, туку мачорски игра со него разни перфидни психолошки игри. Го остава глушецот на слобода, иако има доволно докази за да го приведе. Тој го чека младиот злосторник самиот да си ја раскаже вистината и да си побара казна. Едноставно психосадистички го измачува, и го доведува до точка на психосоматска неподносливост. Само што, кај маестро Достоевски и кај авторите на Том и Џери, Вилијам Хана и Џозеф Барбара, глушецот не е дизајниран да предизивика емоции на негативец. Повторно се посрамив од себе си од идејата дека можам да почнам да сочувствувам со страдањата на страшните глодари-штеточини.


Конечно, и инволвираните судии во кривичниот суд, без да знаат и да се свесни за тоа, тие ја изиграа генијалната улога на мачорот (Порфириј Петрович). Катаден ги испрашуваат оние пресумцио - невините сторителиза кои специјалниот обвинител бара притвор. И верувајте, на глувците им е веќе сеедно дали се на слобода или се во Шутка. За нив слободата заврши во моментот кога тие веќе не можат да се движат во јавноста без да бидат стрелани од ласерските осуди од очите на минувачите. Казната е во етерот и таа започна да им тече. Затоа, го молам судот да смета дека овие луѓе веќе издржуваат казна, па после, откога ќе ја одмери со правосилна пресуда, молам да им го одбие овој период на де-факто казна затвор помината на де-јуре целосна слобода.  Да немислите дека Миле, Гоца и оној Кирил можат да се прошетаат до гранапче, бутик, кино, театар или до некој хепенинг на кој публиката не е 100% загарантирано лоповско-ВМРО-вска? Да не можат низ град да се возат без затемнети стакла? Не верувам! Затворот е преселен во самите нив. Веќе нивните тела се самите престорени во студени затворски ќелии. Железните решетки се веќе паднати пред нивните очи. Има ли потреба од повеќе во овој миг? Верувајте, стравот и исчекувањето на несреќата се поголеми и пострашни од самата насреќа.  

Како и да е, сметам дека најголемите злосторници, оние за кои сите седнати во ложите на театарот на честа и правдатачекаме пресуда и казна, претставуваат сериозна опасност. Ним мачорот не може да им го предвиди поведението, бидејќи тие крупни глувци- стаорци со ограбениот буџет на РМ имаат впрегнато мноштво кртови. Последниве за ситни пари, фигуративно и буквално им имаат ископано подземни канали и ходници за бекство. Хелиодромот на Водно постојано го мислев како најверојатна точка за реализација.


Но, сепак, колку и да уживам, јас се плашам дека додека бегаат, гнасите ќе го реализираат својот лајт-мотив После мене потоп”. Затоа на Порфирие Петрович и на мачорот-психодриблач  им препорачувам најгадните штеточини да ги играат со големо внимание, да отворат 100 пара очи за да ја сочуваат браната Козјак, за да не дојде до вистински потоп.  

(Сликите се позајмени од Интернет од стрипот за возрасни Maus and Cat, и од dailymail.co.uk)