Saturday, April 21, 2018

ОПСЕСИЈА БР. 2 - WII-FМ -Азербеjџан

Лисабон

Лисабон 2015. Работилница на Меѓународната Атомска Агенција на тема "Радијациона безбедност - обучи ги обучувачите".  Не испоседнаа на клупи поредени во буквата - П.  Тука бевме претставниците од академска заедница или од надлежните владини тела кои имаат некаква релација со радиоактивност и заштита од зрачење, и тоа од сите можни чурук-земји од газерот на Европа, вклучително и оние од екс-Руската федерација. Накратко речено, стручни луѓе но и случајно заскитани поединци од  државите со посебни потреби. Веројатно ИАЕА има задача да држи будно око на ваквите како нас заради зачувување на мирот во светот.
И седнав на едниот огранок од буквата П од кириличното писмо, точно таму кадешто си го најдов напишано сопственото име и името на Македонија. Почнав да ги слушам работите што веќе ги имам не само слушано, туку ги имам и предавано. Но, сепак сметав дека е добро да слушам со внимание, небаре ќе купам некаква нова мудрост.  Најпрво предаваше една Британка, да речеме дека се викаше Хелен. Каков и да е, од каде и да е, за мене секој предавач на овој свет е ресурс со некој квантум на знаење којшто јас го немам. Затоа, секогаш и секаде,  секој предвач се обидувам да го следам со најголемо внимание, а со попатно запишување на клучните впечатливи фрази. Ете, со задоволство го следев предавањето на професорката по психологија, Хелен, и од неа научив за една британската мудрост наречена "What's in it for me"? Или скратено WII-FM, што асоцира на некоја радио-станица. Со примена на пристапот WII-FM требало да можеме да постигнеме некаква брза и ефикасна промена во човечкото окружување. Со оваа техника требало да го постигнеме ефектот Вин-Вин, што остава впечаток дека секој од просторијата на настанот нешто ќарил, и никој ништо не изгубил. Значи, сѐ мора да може некако да се доведе во каузална врска со некој личен интерес  за да добие успешна завршница. Искрено, многу ми се допадна мудроста WII-FM, па почнав на нотесот да запишувам белешки и графички да го исцртувам концептот. Да ви појаснам, Хелен го поврза концептот WII-FM со нашите потенцијални предавања на обуките што ние треба да ги држиме од областа на радијационата безбедност, а притоа нашите слушатели да не умрат од досада. Имено, за да сме биле што поуспешни обучувачи требало постојано да го штелуваме внатрешниот радио-приемник на сите можни радиостаници од аудиториумот во салата за конференција, па да се ставаме во положение на сите тие предаватели, сѐ со цел во етерот да лиферуваме содржини од кои секој слушател ќе извлече нешто за себе. Оваа трансакциона игра одамна веќе ја имав играно, само што не и го знаев името - WII-FM.
За жал немав блага претстава што сѐ може да се изроди од сето ова. Немав поим дека може преку WII-FM да се налепи некоја комплетна манијачина само заради обидот за примената на оваа совршена техника при говори или предавања, која бара синхрона емпатизација со мноштво слушатели. Како и да е, на работилницата секој од нас доби задача во рок од половина час да напише предавање на зададена тема. Секој од нас со влечење си доби ливче со еден клучен збор поврзан со темата "радијациона безбедност".
Мојата тема не беше сосем  јасна, но јас и Google се догоривме за неколку принципи и, на крајот тоа излезе сосем интересна тема. По кратката пауза започна сесијата со нашите презентации на неколкуте слајдови на пауер-поинт. Според некој случаен избор, излегуваа предавачите кои за 5 минути предаваа со напор за примена на новиот концепт на фреквентната модулација, WII-FM. Непосредно пред паузата, учителката Хелен ме скорна и мене да "одговарам на табла", бидејќи од купчето го извлече ливчето со мојата тема. Тогаш јас почнав да го штелувам радиото со публиката. Забележав дека постојат неколку души кои со интерес ме следат и почнав да го држам нивното внимание. Инаку, севкупното внимание во меѓувреме беше паднало поради досадноста на претходниот говорник и поради близината на пустата кафе-пауза. И, така зборував гласно и јасно, уфрлувајќи во наративот за радијацијата шеги на сметка на нашата држава. Да напомнам дека во годините на диктаторот Груевски не испуштав на ниту еден научен/стручен собир пред аудиториумот да претставам дека на нашата Македонија и се случи задоцет национализам и мизерен диктатор. Понатаму, во нарацијата уфрлив дека сме жртви на една смешна варијанта на диктаторот Милошевиќ, на што ушиќарив насмеани и озарени лица од екс-Југославија. Потоа во елаборирањето на причините за неписменотса на обичното население за темите за радиоактивноста уфрлив нешто од комичните случувањата после Чернобил, па некако го спомнав контекстуално и Путин. Целта ми беше целиот тој аудиторум, кој беше заскитал отаде некоја Недојдија во Лисабон,  да добие некој ќар за себе, макар и една мала гола насмевка. Говорев и шалтав со погледот низ очите на разноразните озарени ликови, додека тие ми климаа со главите во знак на одобрување, со што ми ја потврдуваа целосната наштелуваност на WII-FM фреквенциите и демонстрираа обострано добитна комбинација.

Азербеjџан

Штом сесијата заврши, јас и пријдов на нашата учителка - Хелен - која да ти била познат професор по психологија на Лондонскиот Универзитет, за да ја прашам нешто за историјата на концептот WII-FM, бидејќи содржините на кои налетав на интернетот го земаа поимот како здраво за готово. Како да немаше примарен извор или автор. Разменивме со британката 3-4 реченици, па јас си се придвижив кон излезот за да го најдам кафето. Кога, пред мене наеднаш ми се испречи еден црн маж. Беше променет како селски зет во темно демодирано штофено одделце и бела кошула, а во вратот беше заврзан со примитивна вратоврска. Мажот имаше силно растревожен поглед. Нервозниот ми се втури во физичкиот простор и ми ја узурпираше слободата на движењето. Едноставно ме блокираше во тесниот ходник од излезот, така што, и да сакав, немаше да можам да продолжам со патеката на намерата. Очите му беа прострелни и гледаа со поглед што го промашува фокусот, кој секако требаше да биде во рамнината на моето лице - како негов единствен соговорник. Се сетив дека со овој човек, всушност, немав воспоставено контакт со очи за време на мојата беседа. Дури, чинам, го немав видено ни каде седи на масата со форма на буквата-П. Дополнително ме обеспокојуваше тоа што од искричавите очи му се гледаат само црнките. Белките му беа сосем препокриени со стиснатите очни капаци кои се гужваа радијално, во силен грч. Чудна хемија излегуваше од него во надворешниот свет. Имаше и дополнителни силни белези - имаше чакмак веѓи - споени во една. Секоја од веѓите на средината беше прекршена во тап агол од кој нагоре цветаа бујни влакна. Нешто како пердувите што му штрчат над очите на бувот. Целиот налкуваше на некоја страшна прегладнета грабежлива птица. Имаше и масивни црни мустаќи, како цело црно јагне закачено под носот. Така намонтирани на надусниците, мустаките целосно му ја покрива устата. Се чинеше дека ваквиот моден аксесоар само му ја отежнува комуникација со светот, бидејќи со нив се губеше можноста за читање од усни. Наеднаш мрачниот тип ми проговори на својот прескромен англиски јазик со ептен слаба граматика. И покрај тоа, тој успеа совршено јасно и на егзактен начин да ми ја пренесе својата нездрава порака.
                "Јас тебе слушнав како збориш со Хелен против мене. Ти кажуваш лоши работи за мене и за Азербеjџан. Ти не смееше да ги кажуваш на Хелен тие лоши зборови за мене и за Азербеjџан. Јас тоа нема дозволам тебе". Апсолутно јасно и децидно човекот ми соопштуваше дека има намера да ме казни заради тоа, претпоставувам, според нивниот традиционален кодекс. Само не знаев дали умислил да ми извади око или ќе се задоволи само со екстракција на заб.

Останав некој момент занемена и со подзината уста. Сепак, се соземав и му одговорив дека тоа што го говори е страшна невистина и е на работ на тотално лудило. Му реков дека треба веднаш да ја расчистиме работата со самата Хелен, и се измолкнав од физичката блокада. Ја оттргнав Хелен со кафото в раце настрана од соговорниците и ѝ ја раскажав приказната за страшната шизофрена фиксација на еден од слушателите. Кај неа наидов на шокиран поглед, исто како и мојот предмалку. Жената со храбар чекор веднаш се упати кон бесниот Азербеjџанец, и ми даде знак да останам понастрана од нив, зашто беше психолог, и изгледа веднаш знаеше за што се работи. Се врати после неколку минути, убедувајќи ме дека сѐ е средено. Тогаш ѝ реков дека, ако е средено, тој треба да дојде и да ни се извини. Но таа како психолог веднаш беше проценила дека до такво нешто нема да дојде, но дека работите ќе бидат под контрола само ако се преместам. По паузата видов дека Азербеjчанецот си седна визави мене. Сконтав дека така седел уште пред инцидентот, па оттука и фиксацијата за мене. Сум му влетала во видното поле на лудиот простор, без да знам за последиците. И така, тој повторно си седна на местото на кое пишуваше Азербејџан, а јас веднаш си ги собрав парталите и заминав во аголот кадешто седеше Србија, само да не му ги полнам очите, и не го дразнам она клето манијачиште со мојата жива слика. Наредните денови си ги поминав во казненото ќошето на буквата П, останувајќи со понизок профил и под линијата на радарот на шизото од Азербејџан, и надвор од фреквентиот опсег на неговото расипано WII-FM радио. Сфатив дека некогаш комуникациските врски од предавател до приемник може да се расипат, а кодовите да се побркаат. Нит го имав забележано, нит имав намера да воспоставам било каква WII-FM релација со него, а сепак, несвесно направив силна интерференција, или поточно куршлус во релацијата со пустион умоболен тип од Азербејџан. Ова не беше Вин-Вин, ова беше Азербејџан ја тепа Македонија 11:0.

Скопје


Конечно, сфатив зошто луѓето се опседнуваат со јавните личност - па зашто ја имаат пред себе постојано нивната слика, како силна информација и дразба на сетилата, но имаат и искршени ликнови кои во комбинација со страшната опсесивна фиксација тие во главата на опсесивецот се претвораат во гласови коишто им говорат поинакви содржини, а за кои не постои втор сведок. Тогаш сфатив дека ваквите линкови требa целосно да се одбегнуваат во иднина. За жал, јас не успеав да го применам ова мое емпириско знаење. 

Веќе една година  подоцна налепив линк со нов манијак кој севезден да ти ме демнел насекаде. Ме демнел и дома (еден период нашол стан од спротива со поглед на мојот стан), ме демнел на фејсбук (од десетина лажни профили ме навредува и ми посакува смрт), на улица и во ресторани (ги кани моите најблиски пријатели на вечери и им говори дека треба од мене да се дистанцираат оти сум попаднала во лошо друштво и оти сум ги оговарала, каде ќе сум стигнела). Едноставно, болештината да ти ме демнела на секој мој чекор. Еднаш лудакот дури и ми напиша електронска пошта во име на некаква србикка Јелена, инаку, наводно докторка која работи во странство, а која е загрижена за мојот живот, бидејќи во некој ресторан во Женева слушнала како, демек некој човек, што инаку го опишува точно како мојот бивши, како го спомнува моето име и презиме и бара од соговорникот да му помогне да ме снема (демек слушнала дека се нарачува за мене платено убиство). Наскоро го најдовме идентитетот на манијакот во улогата на Јелена, сосем егзактно. Замислете, тој човек има име и презиме и адреса, професија, има и семејство. Тој, замислете постои во живо, и не е плод на моја фикција, фиксација или параноја. За тоа малигно суштество, здравје-Боже, ќе морам да напишам цел еден убав расказ, ако дотогаш не се реши да ми се одмазни заради "навредата на наговата личност и на неговата татковина - Азербејџан".         :-) 

Wednesday, December 6, 2017

Македонија, Содома, Гомора и околните населени места со фрапантен степен на неморал


Неморалот што расцветал и земал невиден залет, та се размножува како епидемична вирусна болест меѓу народот ми ја роди асоцијацијата на Содома и Гомора. Чеастопати злото на алчност извитопереност и инверзија на моралните стандади (немораното е станато морално) стигна дотаму што маса народ протестира за да се ослободат озлогалсените криминалци чии злодела за огромната извитоперена толпа не претставуваат ништо лошо туку се акт на патриотизам. Ако човек краде, лаже, зема туѓ имот, вади од устата на гладниот, му го одзема лекот на болниот, го убива различниот и гласно се кочопери дека тоа го прави за татковината, тогаш не смее да се амнестира, та  да се воздигне како бранител-витез на некое апстрактно добро, туку треба строго и драконски да се казни.
Асоцијацијата со Содома и Гомора, два соседни градови во Канаан, не е воопшто наивна, како што не е наивна ни мојата загриженост дека нашава содомизирана Македонија нема лесно да се справи со царувањето на наопакиот морал на мнозинството. Содома и Гомора се митови што ги раскажале пророците од Стариот завет на Библијата, а се спомнуваат и во Коранот, а и во некои други книги што го обработуваат животот на Мухамед по неговата смрт. Еве ја приказната за тоа што се случувало со двата неморални градови-кралства и нивните блудни и забегани жители. 

Како Господ се ценкал со Аврам

Еден ден Господ се припојавил кај Аврама и му се доверил дека има ниет да ги уништи двата града, Содома и Гомора зашто покажуваат толку лоша неморална статистика што во нив по бројност силно надвладеало мнозинството  од грешниците над малкумината праведни. Му навестил дека во таков случај нема друго решение, туку тотална екстинкција со мала попатна колатерална штета.  Аврам се спротиставувал, та го молел и го кумел Бога да не го презема уништувањето. Господ му се сожалил и се сложил да се откаже од таквата постапка на прочистување на човековиот род само доколку Аврам успее да обезбеди доказ дека во неговата родна Содома живеат барем 50 праведни и чесни луѓе. Откако Аврам се свестил дека бројот 50 е енормно голем во однос на тековната состојба и дека тешко ќе го обезбеди, тој побарал попуст на квотата. Тогаш Господ му наредил да наброи 45, за да се откаже од палењето до пепел и сол. Овој молел за помалку, и се така, продолжиле да се ценкаат, се' додека не стигнале до бројот 10. Тогаш Господ и Аврам си дале рака за 10 праведници, за кои Аврам ќе обезбеди доказ. Во шпијунажа Господ испратил 2-3 ангела кои долетале во Содома и се престориле во мажи. Тропнале на врата кај тамошниот граѓанин Лот и кај неговото семејство, а тој љубезно им понудил засолниште и закуска. Пред да си легнат за да преноќат, околу куќата на Лот настанала опсада. Мажи од сите возрасти, и постари и средновечни и млади тропале на портите и од Лот барале да им ги предаде тројцата странци-мажи за кои добиле информација дека влегле во неговиот дом, за да можат хомосексуално да ги искористат. Лот тогаш излегол да преговара со нив и ги убедувал дека им е подобро да ги земат неговите ќерки-девици за таа намена, отколку овие гости-мажи. Тогаш толпата смртно се налутила и започнала да ја вандализира камената ограда во домот на Лот. Тогаш тројцата гости повторно се сториле ангели, па на Лот и на неговото семејство им го покажале патот што води надвор од ѕидините на Содома. Им рекле да не се вртат назад, туку само да гледаат напред и да бегаат што подалеку од тоа проколнато место. Истовремено, ангелите на Господ му го поднеле извештајот, дека во градот не постојат најмалку 10 праведни и чесни жители и дека работата е зрела за интервенција од небо.

Истрабување на Содо-Гомората

И наеднаш, од небото се спуштиле огнени јазици кои воопшто не прилегале на познатите сцени на излевање вулканска лава, туку токму небески пеколни пламени форми што доаѓаат од многу високо, та палат и жарат та стопуваат се што ќе допрат. И биднала казната за злото што доминирало над доброто. Патем, спасени биле само тројца,  праведниот Лот и неговите две ќерки, и толку. Додека бегале, жената на Лот, загрижена за минатото, имотот или некоја нејзина скришна љубов, се завтела наназад. Наместо да бега и бара спас од пеколот што го навјасал во тој проколнат град, неа ја обземал жал за нешто што останало таму да гори. Веројатно била и таа грешна, па за казна била претворена во сол. 


Истребувањето на неморалот во Македонија

Секојдневно наново се фрапирам и чувствувам дека бројот на праведните во Македонија во моите очи е се' помал и помал. Алчноста, грабежливоста, неемпатичноста со ближниот, болниот и сиромавиот, катаден се пројавува низ нови и нови ликови, демонски форми и квазичовечки пројавленија. Дали останаа 50 или се бројат помалку, се прашувам? Ако дојде Бог и ме најде дома седната та замислена, и ме одбере мене за преговори "за" или "против" паљбата на грешното Скопје и околината од небесниот свод, јас не знам дали ќе успеам да си ја спасам земјава. Рака на срце, јас не верувам дека ќе успеам да му составам спосок од 50 скромни и честити човеци кои се задоволни со малку, кои се внимателни кон околината, луѓе се со висок морал и чест и неизвитоперена душа.  Затоа, се откажувам од преговарачката маса во Клубот на Пратениците, и оставам на тој заедничкиот Бог-Алах под итно да ни заврне еден поинтензивен метеорски дожд од Геминидите во декември, та во лутината да замавне по нас со покрупни огнени комади. Од мене Господ ќе има "амин" слободно да потпали секаков доминантен неморал за да го истреби таквиот ген. Знам, ќе отидат фира и колатерална штета една шака чесни луѓе, но сето тоа е во служба на прочистувањето со помош на небески геноцид, зашто оваа Содома, оваа смрдена волко-онадувалница треба да ја НЕМА. 

50 чесни??? Нема шансони, Боже мој пресветли.   

(Дозволено е целосно преземање на оваа колумна со децидно цитирање на изворот на следниов начин: Колумната е земена од Блогот на Мимоза Ристова - кликни тука) 

Saturday, December 2, 2017

ОПСЕСИЈА БР. 1

Насловот на приказнава можеби звучи прилично бенигно за оние коишто не биле жртва на нечија болна опсесија. Оние што искусиле, веднаш ќе знаат да ја измерат тежината на овој наслов. Опсесијата знае да биде многу страшна социјална девијација и да се постави како граничен феномен на опасна психопатологија. Опсесијата знае да се стори сериозна болештина која може да предизвика страв за животот на жртвата којашто недолжно западнала во канџите на опседнатиот створ.  


Во мојот живот минав половина век и кусур меѓу најразличен видови човечки единки и секакви ентитети. Не знам за останатите, но јас неколкупати имав блиски средби со психопати кои се имаа опседнато со мене, практично непредизвикани со ништо од моја страна. Се опседнуваа просто со моето биолошко постоење. Ги дразнеше мојот живот, моето присуство на овоземските четири димензии. Просто е за неверување фактот дека ништо не зависи од вас во  процесот на проклетата фиксација на психопатот што ве демне и како сенка го следи вашето кревко тело. Во мојов половина век ја имав таа невидена "среќа" да бидам интензивно демнета од неколку опседнати психопати.

Кога бев млада тоа ме вознемируваше и ме изместуваше од рамнотежа како некоја паранормална активност. Како одминуваа годините и како се нанижаа профилите од моите лични психопати, сериозно обземени со тежината на опсесивните пориви, јас перманентно отрпнував. Додуше, последниов мој личен психопат сеуште не е ставен под контрола. Се некако чинам дека серијата од моите кратки раскази може да го освестат и да го одвратат од неговата попуста зла намера да ме следи, демне, тормози и мрази без основана причина до крајот на животот. 

Правта личност која пред 23 години се имаше опседнато со мене беше една Сузе, сестра на моја пријателка, за што ќе ви раскажам редум. Токму во тој страшен зимски период на опсесијата на непознатиот ентитет, само што ќе се приберев дома и ќе запалев светло во мојот стан, ќе ми заѕвонеше фиксниот телефон (тоа време имав само таков). Притоа јавувачот си молчеше и ме слушаше како губам нерви при секое негово/нејзино јавување. Јас го прашував непознатиот јавувач што сака од мене, и зошто ме вознемирува, но никаков вокален одговор не добивав за возврат. Еден ден се сетив да го прашам мојот личен манијак дали сака да ми одговара со помош на тропкање на слушалката, и тоа едно тропкање за ДА, а две тропкања за НЕ. На манијакот изгледа му се допадна предлогот за воспоставување на двонасочна комуникација, па фати да ми тропка во знак на соодветен одговор на секое мое прашање. Од селективните да/не одговори разбрав дека умоболникот ме гледа со дурбин, зашто живее во некоја од зградите наспроти мојата, и оти од прозор го гледа палењето на светлото кога ќе си дојдам дома. Се распаметив, го угаснав светлото и веднаш отидов во полиција. Цајканите ме упатија со пријавата да одам во пошта за да ми постават уред кој се нарекуваше  "ловец" за да ги евидентираат сите дојдовни повици. Потоа, со споредба на моите временски записи за манијачките повици, еднозначно се доби бројот од кој извираше манијакалното звонење. Излезе дека инкриминирачкиот број е од родителите на мојата блиска пријателка. Таа моја пријателка имаше сестра, една чудна девојка, Сузе. Таа млада личност ништо не студираше и по цел ден спиеше во својата соба која некако беше на опсесивно-компулсивен начин целата облепена со постери од Цеца и Аркан.  Знаев дека е таа манијакот. Веднаш по добивањето на извештајот јас заминав кај родителите на девојките со непобитниот доказ - списокот од умоболничките јавувања, со надеж дека ќе ги уверам во сериозноста на случувањата. Сузе беше излезена, па од родителите на Сузе побарав да преземат превентивна мерка на лекување на девојката. Им реков дека вознемирувањето е сериозно, дека полицијата знае за ова и дека треба најитно да интервенираат. Наместо извинување, и утеха, јас од тие луѓе добив одговор дека "то није могуќе", и да "изаѓем из њихове честите куќе, да ми не назову милицију." За вистинско чудо, после мојата навидум неуспешна интервенција, манијачките повици сосем стивнаа. 

Половина година подоцна ја сретнав таа Сузе целата изнашминкана со силно зелена сенка околу очите и невнимателно нанесен бордо кармин на усните, како со мајка си стои во енормно долгата редица во Комерцијална банка во населбата Аеродром. Штом ме здогледа, таа на сет глас ме ослови по име, па пред бројната публика од клиенти и вработени на банката искажа нешто во стилот дека сум имала многу убава уста и дека многу сакала да ме "пољуби во уста". Ни крива ни должна, го напуштив редот без да си земам чекови, па како мува без глава, со свенат поглед и посрамена заминав низ излезната врата, со надеж дека никој од овие сведоци не ме познава.  

* * *

Наскоро ќе следува Опасна опсесија Бр. 2. 

Saturday, November 18, 2017

Правдата што извира од очите на Фатиме Фетаи

Ја запознав Фатиме уште кога си беше обвинител во ОЈО, т.е. пред  да стане селебрити-СЈО. Еве ја приказната за тоа несекојдневно запознавање. 


Ја обвинувам обвинителката


Но да се вратам наназад 3-4 години. Само што се бев вратила по едногодишниот престој од Америка, каде престојував како визитинг професор на Беркли, јас  веднаш и напишав писмо на обвинителката која го добила мојот предмет за да ја известам за враќањето. Имено, од ОЈО барав кривично да го гони таткото на моите деца поради неплаќање издршка. Но, предметот до моето заминување со децата за САД не беше уште распределен, па јас овластив една моја пријателка - адвокатка што ќе ме застапува за време на отсуството. Адвокатката Коцарева имаше задача да го запознае надлежниот обвинител за моето отсуство. И така, по враќањето јас три месеци не добивав покана за да посведочам за криминалното однесување на таткото на моите деца, кој инаку е полн како брод, но беше цврсто решил да не плаќа издршка за децата туку парите интензивно да си ги троши само на млади русинки/украинки, фацијални лифтинзи, третмани за подмладување,  абдоменални липосукции, набавки на разни други напитоци за долговечност, операции за расадување  коса од кај тилот кон предните опустошени регии. Човекот наместо за прехрана и образование на децата се беше пуштил во себе честење со севозможни "фонтани на вечната младост". Поради мојот финансиски очај наспрема неговото расипничко лудило јас еден ден смртно се разлутив и напишав до OJO ургенција во која јас, Мимоза Ристова, ја обвинувам обвинителката Фетаи  дека таа намерно го одолговлекува предметот. Ја обвинив дека  не ме повикува само за да му услужи на таткото, кој е инаку дебело врзан со тогашната коруптивна власт на ДПМНЕ и ДУИ. И пишав дека поради недостиг на финансии и нејзиното неразумно одолговлекување веќе ги имав огласено за продажба клавирот и флејтата на моите деца, како прв луксуз без кој може да се преживее, и секако и ги закачив и линковите од Пазар3 како доказ. Најдолу во писмото и го запишав мојот  мобилен телефон, притоа во себе помислувајќи си "жими Ашима што обвинителката ќе ми се јави и со мене ќе сака да поразговара како со човек, после ова мое писмо".


Телефонскиот повик од Фатима

И така, поминаа едно 10 дена од моето обвинение кон обвинителката. Тоа пладне бев седнала на кафе во еден кафиќ во Аеродром со еден човек што прв пат го гледам. Една моја бивша докторантка ми го имаше препорачано за да ми направи натален хороскоп кој ќе ми помогне да си ги најдам природните астрономски теченија, да не одам контра влијанијата на Вселената за полесно да запливам низ релативистичкиот простор-време. Таа знаеше дека просторот и времето имаат направено пакт против мене, дека многу ме тормозат и дека редовно ми ги јадат џигерите. И така, јас и тој Мухамед од Белград разговараме на темата знаци, асцеденти, куќи и триста аспекти кои не умеам да ги пренесам, пошто сум неука во астрологијата. Додека тој на лаптопот ми го покажуваше небото во моментот на моето рождение, ми зазвоне мобилниот.
               - Дали е тоа Г-ѓа Ристова Мимоза?
               - Да. Јас сум.
               -На телефон Обвинителка Фатиме Фетаи. Од вас добив едно многу навредливо писмо.
                - Навредливо??? Дали сте свесни колку сум јас навредена што не постапувате по овој сериозен предмет - неплаќање издршка? Дали вие мислите ...... и почнав да се карам со неа ...
              - Ама како си дозволувате да ми импутирате поврзаност со било која партија????...- и таа го покрена тонот за да ме надвика. Јас обично лесно се раскарувам, но и оваа не беше баш со долг фитил. Почна да ме обвинува дека обвинението кон неа е бесмислено и срамно.
                - И за која цел ми се јавивте? За да се караме??? А мислите ли нешто да преземете за предметот, или тој не е важен за вас. Моите деца и јас ќе ја чекаме вашата милост до кога? Кога ќе ме повикате? - и натаму се жестев како накострешена мачка.  
              - Ама престанете со тие обвинувања веќе. Дојдете еве сега. Веднаш ако сакате. Ве чекам.
                - Ама како тоа сега..? Па јас треба да одам до дома да ги земам документите. Јас не сум дома, туку на еден состанок. Надвор сум.... - бев убедена дека таа ме провали дека денгубам во кафиќ и дека е свесна дека атмосферата, џагорот и музиката се 100% кафански.
                Но нејсе.  Веднаш, го забаталив кутриот познат Белградски астролог за 1 минута, кажувајќи му дека изгледа ѕвездите инстантно почнаа да се доведуваат во некаков посреќен редослед. Му платив за хороскопот, а тој одби да ги земе парите, заради незавршените анализи.

Во обвинителство

Се качив во насловеното сопче во кое ме чекаа обвинителката Фетаи со уште две службенички. Чинам, женава од старт ме мразеше од дното на душата. Беше трудна до заби, но добро се држеше. Бременоста многу убаво и прилегаше на виткото тело. Ја болеше 'рбетот и кога седнуваше, правеше гримаса на болка. Беше напупена во мевот како да беше проголтала лубеница, од помалите. Јас пак, веднаш паднав во очај дека сум паднала во рацете на некоја, која ем е по партиски клуч напикана на место што не го заслужува, ем е бремена и со намалена работоспособност и слаба мотивираност. Си мислев дека ќе гледа да ме откачи на брзина и дека ќе ме казни поради беобзирноста во комуникацијата со неа.   Почна да ги зема моите генералии и да и диктира на дактилографката.  Повремено ќе ме прострелаше со двата сафира со таков презир, да верувам, да бев некоја друга, ќе се онесвестев од страв. Во ледените мразови што ласерски трештеа кон мене таа како да сакаше да ме замрзне, па да ме фрли во некое ледено море за да ме раздаде како храна за гладните китови. Кога започна распитот, јас почнав емотивно да говорам за нашата домашна приказна, за таткото кој е неодговорен, за моите маки да обезбедам за живот и малку среќа. И појаснував дека поради сето тоа не можеме да живееме во обична стабилна рамнотежа, а да не збориме за благосостојба. И документирав дека тој човек ни ги разнишува потпорните столбови во семејството. Од регистраторот и давав нови и нови документи за да ги докажувам сопсвтените аргументи. Истовремено, од моите искази, кои можеби биле некако преекситирани, емотивни и дури и хаотични, таа во записникот  диктираше парафразирани и лекторирани реченици. Таа составуваше онакви реченици какви што требало самата да изговорам. Создаваше совршено литературни искази на македонски јазик. Повремено, на дактилографката и појаснуваше каква интерпункција да употреби. Кажуваше каде запирка, а каде треба точка и запирка, а каде две точки. Низ течението на исказот, Фатиме постепено си го трансформираше погледот кон мене, па од поглед на кучка што радо би земала кожен камшик за да ме искамшикува по гол грб, таа почна да ме гледа со мексот и топлина. Почна да ме испрашува со сѐ помеки и попријателски прашања, внимавајќи притоа да не предизвика плач во мојот гранично растреперен глас. Мојата болка поради неправдата кон моите деца допираше се подлабоко до нејзината правдољубива душа. Постепено мразот во очите на обвинителката Фетаи се стопи и стана чај од мајчина душица. Заштитнички се постави кон мене. Очигледно беше дека сочувствува со мене и со моите деца. Кога распитот заврши, таа ми го даде бројот на мобилниот, за да и се јавам утредента штом  ја донесам оригиналната судска пресуда за издршката. 

Утредента

Ја побарав обвинителката Фетаи по мобилен за да и кажам дека сум пред писарницата. Таа се симна целата задишана, и од архиварот го подигна документот што го должев. Рече дека за некој ден заминува на породилно отсуство, и дека обвинението ќе го покрене веднаш. Ми рече дека ќе бара итно рочиште во Суд поради итноста на материјата и поради нејзината блажена состојба. И се заблагодарив и притоа и изреков разноразни благослови за неа и нејзиното бебе. Таа жена беше целата олицетворение на правдата. Таа беше создадена за да дели правда. Како мене е, си велам. Имало и други жени витези, амазонки, си помислив. Но, дај да не си правам бајрам на паметот. Можеби ништо нема да испадне од сето ова. Може вечер на полноќ ќе се породи и предметот ќе заскита во нечија друга фијока. И толку од нејзината љубов за правда за моите деца.

Пресуда

Немаше ни три седмици, кога стигна известувањето од Кривичниот Суд, дека таткото е осуден со казнен налог.  Тоа значи, ако не плати сѐ што должи, дека ќе го пикнат во затвор. Ќе биде обратно од она што тој им го верглаше со години на моите деца: дека тој мене, не знам точно за што, ќе ме напикал во затвор. Тоа беа ВМРО-вските закани со кои живеев долги мачни режимски години. 

Ете драги мои, тоа е за мене Фатима. Правда. Слика и прилика на големата Јустиција. Слепа правда која сопственото его го остави настрана и посегна да побара казна за сторителот на делото, за да моите деца добијат тоа што им следува по законот. Замислете, таа навредената од мене и криво-обвинета дека е ВМРО/ДУИ инсталација, се надмина себе си и постапи праведно. Таа експресно го заштити правото на моите деца.  

Тенденциозно и злобно

И кога ќе чујам искомплексирани чеда грешни овоземни, премачкани со смрдеата на 7 смртни гревови, како се дрзнуваат да нападнат една сериозно професионална жена (нема да ја фалам колку е згодна и паметна) само поради периферни и ирелевантни за правдата, детаљи, јас сакам да се исповратам. Од злоба и тенденциозно се обидуваат да ја снижат, небаре така ќе бидат поголеми во сопствените очи. Тие грешници од петни и од други жили се кадри да и изнајдат микроскопска прашинка на трепавиците за да ја распнат на крст.

Тие дрски морализатори треба да сфатат дека Фатиме во оваа држава да смее да биде роб на лажните морални кодови создадени од тешки грешници. Ајде да ве видам, кој не грешел нека го фрли првиот камен. А каде згрешила, оваа еманципирана и професионална жена, ви се молам?? Има ли таков што ќе каже каде згрешила???? Да ве чујам???


Friday, October 6, 2017

Итна ревизија на истрагата на местото на настанот, нова форензичка анализа на доказите и сериозна реконструкција на настанот на Смилковско езеро!!!


Од она што сум го видела во медиумите за најцрната криминалистичка дамка на РМ - Црниот Велики Четврток (12 април 2012), на Смилковското Езеро , од сето што сум го прочитала од записниците од мониторингот што го води Хелсиншкиот комитет, од долгометражните разговори со адвокатот Насер Рауфи и блискиот роднина на двајца обвинети, Бедри Ајдари, дури и без да направам детална истрага на постоечките докази можам единствено да залкучам дека Врховниот суд треба да го врати предметот на повторно судење, а притоа да побара независни експерти (вешти лица) да спроведат итна ревизија на истрагата на местото на настанот, нова форензичка анализа на доказите што се во депото на МВР (посебно на автомобилот Опел-Омега) и сериозна реконструкција на овој сериозен настан при кој имаше петократен смртен исход, и залепена етикета ТЕТОРИЗАМ.
Врховниот суд мора да го врати предметот на повторно судење со укажување на пропустите во истрагата ако сакаме да воспоставиме правда во ова бесправно дувло - Македонија. 

Само гледајќи ја сликата на инкриминираната Опел Омега која излезе во медиумите јас ги смислив прашањата врзани со неа, а на кои мора да се даде еднозначен одговор:




1. Колкаво количество ДНК од еден од обвинетите било најдено од едниот од потпирачите за глава на Опел Омега? И кој е другиот состав на брисот од тоа место? Дали има пот и себум, или е плукна?
Еве зошто ве прашувам: Од секој од нас теоретски може да се земе дури и само една молекула ДНК за да потоа се размножи на илјадници во текот на 24 часа. Да не објаснувам дека при пиење од чаша/филџан од кафиќ се оставаат изобилство ДНК молекули. Оваа една молекула може да се реплицира (размножи)  во многу молекули со постапката PCR (полимераза верижна реакција) која во РМ ја имаат повеќе лаборатории. Потоа размножената ДНК може лесно и да се подметнува наваму-натаму за да се намести човек во кривично дело по желба. Ако немало пот/себум заедно со ДНК-та, тогаш е сомнително. Ако немало хемиски траги од плунка, туку е чиста ДНК во изобилство, тогаш и тоа е сомнително.

2. На сликата на Омегата убаво се гледаат млазови од кал по шасијата што потекнува од тркала што биле во каллива почва. Можеби е веќе направено, јас не знам. Сепак сметам дека таа кал треба да соодветствува по состав на почвата, точно од местото на несреќната погибел на петорицата - Смилковското езеро.

3. На ветробранското стакло има висулка закачена со вакуумска лепенка. Овие пред да се залепат обично се лижат. Чија ДНК е заробена помеѓу шофершајбната и вакуумската закачалка? Имаме ли профил?

4. Бидејќи наводно не се најдени отпечатоци од прсти, тогаш треба да се уловат повеќе локации со ДНК. Дали е побарано да се подигне ДНК од кај резервоарот за бензин (капачето), бидејќи можеби полнеле бензин ден претходно па биле немарни и оставиле некоја своја трага за да ги идентификуваме? Истото може да се каже и за регистарските таблички. Можеби биле сменувани денови претходно, со голи раце, па може да ги има по опачината од таблицата која, да претпоставиме подоцна била пребришана. 

5. Дали обвинителство направило обид да добие фотографија од сателитот на Google за местото на Смилковскиот масакар и локацијата на Опелот-Омега. Постои можност да се најдат некои траги. Ако ништо друго, ќе се најде дали опелот бил таму и пред тоа? Досега со сателитот на Гугл биле случајно откриени неколку убиства  како, на пример,  во Холандија.
http://www.dailymail.co.uk/news/article-2308503/Caught-red-handed-Google-Earth-Has-satellite-image-captured-crime-taking-place-Holland.html

6. Дали некој се обиде да направи анализа на телекомуникациите на оние политичари за кои се шпекулира дека се инволвирани во убиството? Ако се следи сообраќајот на оние за кои постои допрен глас со шекулации, тогаш ОЈО требало до сега да истражи од кого и од каде се слевале мобилни повиците во моментот на убиството и во критичните денови, пред и потоа. Дали имаат шортлистинг на сомнителни комуникации, зашто нарачателот секако требало во моментот кога била "завршена работата" да добие позив од сомнителен број кој ќе му соопшти дека "Работата е завршена". Имаме ли такви повици до нарачателот за кој се шират шпекулации што звучат доста разумно, познавајќи ги сите негови семејни околности?


Овде ќе застанам. Еден ден се надевам дека ќе проговорат сите други докази, ќе се разнишаат евентуалните лажни заштитени сведоци, и ќе се ослободат евентуално невините а ќе се најдат сторителите и ќе се осудат на СМРТ (знам, знам, немаме смртна казна, но за овој тип кривични дела, убиства на деца и местење на невини луѓе, мислам дека треба да ја вратат назад). Конечно, не велам дека овие не се убијците, велам само дека тоа треба да се докаже низ научно базирани форензички докази.  

ЗА ДА БИДАТ ОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ ПРИТВОРЕНИТЕ "МОНСТРУМИ" ТРЕБА НЕДВОЈБЕНО ДА СЕ ПОВРЗАТ СО ДЕЛОТО И СО МЕСТОТО НА НАСТАНОТ. ЗГОРА НА СЕ, ТРЕБА ДА ИМ СЕ НАЈДЕ И МОТИВОТ. ПОВЕЛЕТЕ, ДОКАЖЕТЕ ЗА ДА И НАС  ГРАЃАНИТЕ ВО УЛОГА НА ПОРОТНИЦИ НЕ УБЕДИТЕ ВО НИВНАТА ВИНА!!! 

Friday, September 22, 2017

Ослободувањето на професорот (Извадок од романот - Тајното Братство)

Искрено, не сум гледал ниту еден филм во кој агентите на ЦИА се прикажани како човечки суштества. За нас се има изградено мит дека сме нешто како надбитија или полубожества, т.е. митолошки суштества со повеќе животи. А, всушност, ние сме само натпросечно интелигентни луѓе, кои имаат и натпросечен интегритет. Особено, од агентите за специјални задачи се бара да имаат големо срце, полно со храброст и пожртвуваност. Агентите на ЦИА се тешко поткупливи. И, конечно, најсериозниот, а во исто време, и најпатетичниот предуслов е многу да ја сакаме татковината и да сме подготвени да паднеме жртви за нејзина добробит. И, ништо повеќе! Како и да е, со помош на холивидската продукција за нас надвладеа стереотипот дека немаме чувства и дека сме налик на титани кои се непобедливи. Идеологизацијата отишла дотаму што се мисли дека агент на ЦИА не оди ниту по мала ниту по голема нужда, и дека не прди и не подждригнува. Од нас очекуваат дури и кога сме средовечни накај стари да можеме да се сексаме како да имаме 20 години. Жалам што ќе ви ги урнам до самиот темел тие смешни илузии. Ние, агентите на ЦИА, исто како и сите вие, вршиме и физиолошки потреби, а и половиот орган со годините ни станува дисфункционален. Пиеме и разни апчиња за да ги надминеме разните состојби што доаѓаат со годините.

Јас, на пример, во моментов имам потреба да одам да мочам, а богами, и ми се прикака од чипсовите што ги изедов додека гледав порничи со ветеринари, но ситуацијата никако не ми дозволува да ги оставам мониторите без хуман надзор и да заминам по нужда во хемискиов тоалет во сред жолтово комбе. Стравувам дека може да ми се случи да пропуштам некоја случка и да не успеам да пренесам навреме евентуална ситуација што е од круцијална важност за безбедноста на мојата земја, Америка.
Решив да го истрпам зортот и да ги стегам сфинктерите додека се може, зашто морав да видам што ќе се случува со Смиле во занданата. Со него беше критично. Згора на сѐ, и адвокатот изгледа ја имаше тенденциозно одложено својата посета на притворениот професор. Се  запрашав: како ли ќе врши нужда без употреба на рацете, облечен во таа чудна кошула. Најверојатно човеков на крајот ќе се испомоча в гаќи. Претпоставував дека токму тоа им е и целта, да го понижат, да го згазат и да го сотрат неговото достоинство. Стравував човеков да не изнајде начин и да се самоубие поради очајот, но тој засега мирно си спиеше. Изгледа му имаа пропишано огромна доза седативи и антидепресиви за да не дозволат да посегне на себе, зашто ваквите случки најсилно одекнуваа во меѓународната јавност. Во затворите ваквите настани можеа да бидат зачеток на бунт. Решив и јас да отспијам малку, секако откако ќе се испразнам. Го програмирав интелигентниот будилник да ме разбуди штом Смиле промрда и ќе стане од креветот.            
Утрото се разбудив во 5 часот. Освен што му го дадоа појадокот на Смиле, а истовремено му го одзедоа душекот, ништо драстично не се случуваше, па јас повторно си задремав. Некаде околу 10 часот повторно ме разбуди каналот од ќелијата на Смиле. Од заднината на ходникот се слушаа звуци од некоја радиостаница. Имаше вести. Професор Смиле седеше на креветот и си дремеше во летаргична состојба. Постојано ги повторуваше истите зборови:„Кофа, кофа...Виктор, Виктор...“
На радиото јасно се слушаа дневните вести:
„...од наши доверливи извори дознаваме дека околу полноќ минатата ноќ, премиерот и министерот за фауна си поднеле оставки. Оставките засега се неофицијални, бидејќи ги испратиле како СМС-пораки до претседателот на Собранието на Република Македонија. Нешто подоцна, претседателот на Собранието добил уште една дигитална оставка, и тоа од министерот за хумани внатрешни работи. Од неофицијални извори дознаваме дека сите оставки се поднесени поради притисокот од меѓународната заедница за неправилностите и недоволниот број собрани докази од истрагата на местото на настанот во врска со аферата ‘Проф’... Инаку, дознаваме дека оставките следувале веднаш по состанокот што го имале тројцата функционери со американската амбасадорка, нејзината екселенција, г-ѓата Џеси Блекбери...“
Наеднаш професорот се исправи, застана како за во строј во војска. Наеднаш почна да се смее и да плаче истовремено. Хистерија траеше неколку минути. Стражарот се приближуваше до вратата на притворениот Смиле, гледајќи ја оваа негова реакција со неверување.
                   „Еве ти, професоре, на, еве ти, земи и читај! Стигна од судијата дека обвинението е повлечено од страна на обвинителот. И лекарката Јелка потпишала дека можеш да излезеш, а и директорот на санкции е потпишан. Еве, потпиши се тука дека си го примил и задржи една копија!“, со воздишка заврши стражарот.
                „Ајде, облекувај се, зашто дојдоа дваесетина твои студенти по тебе со транспаренти на кои пишува: ‘Слобода за професор Смиленски...’ Те пуштаат веднаш да си одиш дома. Нормални ли се тие? Ееееј, улав народ! За час ќе им се убиеш ако не си под мој надзор, колку си ненормален! Првата кофа и – опааааа, отиде јабана! Туку, кој ме прашува мене?! А, треба да ме прашаат, зашто и јас знам некои работи што тие не ги знаат“, изговори гневно стражарот и на заминување ги фрли цивилните облеки на креветот на Смиле. Патем, ја остави вратата од ќелијата ширум отворена. 
Вестите на радиото продолжија по рекламите додека Смиле се облекуваше во цивилните одежди.
„... денешни извадоци од билтенот на Министерството за фауна: ...кај градскиот плоштад во близината на споменикот ‘Сашко на коњот’ се случи необичен злосторнички настан. Имено, кон 18 часот и 30 минути, точно 42 граѓани што излегувале од Музејот на жртвите на комунизмот и се упатиле да му се поклонат на колосалниот споменик ‘Сашко на коњот“ пријавија дека биле гризнати од 42 најразлични кучиња скитници. Кучињата откако го сториле кривичното дело ‘физички напад од фауна врз хумани ресурси’ пребегнале во сурија кон Градскиот парк. Се шпекулира дека кучињата биле потоа видени како се собираат кај чешмичката и дека се наредиле во круг, а потоа организирано, едно по едно, мокреле врз еден стар валкан машки чорап, кој бил поставен врз шест ситни јајца. Ова несоодветно однесување на кучињата научниците од бихевиоралната кучешка наука го припишуваат на  енормното загадување со ПМ10-честици, но и на неквалитетот на водените молекули во составот на ланскиот снег... Времето денес ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд во попладневните часови...“
Професорот се облече, уредно ја здипли робијашката облека и заедно со лудачката кошула педантно ги положи на  креветот. Излезе надвор од ќелијата и продолжи по ходникот - Ц, помина крај сопчето за бањање и дезинфекција, преку вратата на надзорниците, па полицајците на излезот, па конечно излезе низ злогласната црна врата. Оваа локација, за жал, не ми беше покриена со сигнал, но сепак, говорот оттаму  јасно се слушаше. Едниот од стражарите и полицајците беше шегобиец, па се обиде да го задева:

                „Побрзај профо, треба твојата ќелија да се исчисти за да сместиме нов гуштер. Некој млад ветеринар ни доаѓа на твоево место. Во моментов го бањаат. Кога го притворале, сакал да им скокне од прозорец од 15 кат... За него поднеле обвинение за сексуална изопаченост, т.е. за зоофилија во стек со некрофилија. На Фејсбук веќе кружи една слика на која се жвалел со умрено куче. Сликата веќе имала заработено над дваесет илјади лајка. Бљак...“

Friday, September 15, 2017

Гуруто и бајачката

И ова што ќе ви го раскажам не содржи никаква технолошка тајна на мојата агенција ЦИА, бидејќи сите тајни од овој вид беа веќе експонирани од страна на пребегнатиот агент на НСА од Америка во Русија, Сноуден. Имено, и малите деца веќе знаат дека високата резолуција на ЦЦД-камерите, комплементарни со оптичките уреди и имиџинг-технологиите во шпионските сателити овозможуваат да се набљудуваат детални активности на непријателските сили во предели што се надвор од цивилизацијата. Секако дека по потреба непријателските цели можеа и со навигација на проектил од сателит да се неутрализираат, но тоа никогаш не било и нема да биде моја работа. Моја главна мисија стана да им помогнам на луѓето и на животните што се во немилост на автократските режими во светот со тоа што ќе надгледувам, ќе документирам и ќе испраќам соодветни информации до централата. Токму во оваа Македонија луѓето ми беа блиски по менталитетот што си го добив како наследство преку моето домашно балканско воспитување. Од друга страна, пак, блиски ми беа и животните, зашто по магистрирањето на Станфорд од областа на информатичките технологии, јас веднаш се вработив во Силиконската долина во стартап-компанија под инкубаторот на една ќерка на компанијата Шмугл. 
Инаку, како што веќе ви навестив, работев на развивањето на софтверот за превод на кучешкиот гласовен и телесен јазик, познат како "Dog Translatоr". Во тој период имав три кучиња, едно црно, едно жолто и едно бело. Сите ми беа вдомени скитници-мешанци, со кои јас беспрекорно  комуницирав, да не речам како со луѓе. Чинам дури и подобро. По две години работа во Шмугл, јас преминав во ЦИА. „Ловците на глави“ ме изнајдоа и ми дадоа понуда што јас, не само како страстен патриот и лојален граѓанин на мојата држава – САД, но и како човек што не е поклоник на ниту една религија, туку строго се води во животот од науката и според законите на природата, тешко можев да ја одбијам. 
Инаку, апликацијата за автоматскиот преведувач од кучешки јазик ја развивме со помош на тимот од неколку млади информатички генијалци, кои имаа страсна љубов за своите кучиња миленици. ЦИА по моето заминување од централата ја разви оваа алатка до совршенство. Сега јас бев дојден овде во улога на специјален агент што си ги бере плодовите што самиот ги засадил. Можев да си го вклучам автоматскиот превод и да гледам во говорни облачиња што се зборува меѓу кучињата. Замислете колку вредни сведоштва за нас во ЦИА станаа достапни преку кучињата што до вчера беа само неми сведоци на настаните. Сега имам најави од агенцијата дека работат на преведувач на емоции на куче кој ќе може со помош на молекуларен сензор да ја детектира емотивната состојба на животното врз основа на некои протеини, ензими и хормони што ги излачило во дадениот момент. Така ќе може да се дознае дали е кучето тажно, среќно, депресивно, еуфорично, во агресивна фаза и слично. На тој начин, и без да испушта звуци или да мрда со телото, ние, агентите на ЦИА, ќе знаеме како се чувствува еден пес во дадена ситуација, па ќе можеме да ги прочитаме неговите емотивни сеќавања и да ги предвидиме неговите наредни постапки. Искрено, со душа чекав да ми го испорачаат на тестирање и евалуација прототипот од сензорот што се закачува на ајфон и го користи софтверот DogEmo 1.0. 
Но, да се вратам на дејството од интерес. Побарав од агентот во американската амбасада да ми даде сателитска информација од обезбедувањето на амбасадата за тоа на која локација отиде кучето Хектор. Ми стигна повратно координатите и кусо појаснување, дека Хектор е во моментов на средба со други кучиња во Градскиот парк. Инаку, низ паркот имавме инсталирано дваесетина камери од постариот модел, оние што се напојуваат со фотоволтаична ќелија. Овие камерчиња биле инсталирани делумно заради личната безбедност на американските амбасадори, кои често џогираат низ паркот во раните утрински часови, а делумно и за да ги гледаме припадници на власта, младите министри како се швалерисуваат, што за љубов на вистината, не беше нешто противзаконско. Сепак, имавме голема полза од снимките од локалниве политичарчиња како го кршат законот кога си ги возат љубовниците под дејство на алкохол, па попатно удираат паркирани коли, контејнери за ѓубре и урнисуваат бетонски столпчиња. Овие камерчиња беа поставени од еден мој колега што обезбедуваше еден претходен американски амбасадор. 
Како и да е, јас ги имав ИП-адресите на секоја од нив. Ги вклучив едновремено сите веќе на четвртиот по ред монитор и скенирав со очите за да видам на која од камерите се детектира физичка активност. Веднаш забележав дека сликата од едната од камерите е млечно-заматена. Веројатно беше испосрана од птици. Пробав да го изведам процесот на чистење, но надворешната сферна заштитна лушпа веќе се имаше залепено и запечено од топлината. Какашкиве од птица со стареењето понекогаш и полимеризираа доколку долготрајно беа изложени на дејството на УВ-зраците од Сонцето. Активирањето на бришачот од третата или последната надворешна лушпа не успеа да ја исчисти леќата, иако на сетирањето ја добив информација дека ова е 87 чистење, а хемикалијата беше предвидена за 100 чистења. Инаку, секоја од заштитните лушпи на леќата имаше улога на контрола на температурата, влажноста и надворешната контаминација, како во случајов. Требаше да пријавам да ја исчистат рачно. Но, нејсе, другите 19 камери даваа слики. Иако овие камери беа сомалку послаба резолуција отколку новите модели, јас сепак, имав претстава што се случува на оваа територија од моментален интерес. Веднаш се појави трепкачот со портокаловото квадратче на камерата 168.231.10.011. Ја зумирав сликата и го засилив звукот. Јасно се гледаше дека Хектор стои задишан, како божем беше истрчал маратон. Стоеше со телесен став што покажува голема почит кон соговорникот, кој, пак, беше еден постар шарен пес со големи мудри очи полни со кристално чист сјај и спокојство што се зрачи во околината. Веројатно беше просветлен. Веднаш до мудрецот стоеше една црна кратковлакнеста кучка со снежно бели шепи. Обајцата мудри песови си беа седнати на газовите. Го вклучив преводот и читав. 
                „Гуру наш, Изди-аве, имаме тревога! Вклучете ја сирената за аларм и свикајте собрание на членовите на братството. Мораме да ја консолидираме космичката енергија, па да направиме итен ритуал за ослободување на брат ми и неговиот стопан и животен сопатник“, изговори Хектор со невидена брзина и во еден здив, а на крајот од реченицата гласно зеде воздух. На тоа гуруто итро ја отвори книгата, набрзина ја пролиста и веднаш ја најде бараната страница. Веднаш почна да завива како волк за да објави дека ситуацијата е алармантна и дека е состојба на тревога.
                „Велиш треба ритуал за итно ослободување, а не кажуваш  од што, брате? Еве, погледни овде, си има мени во вадемекумов. Кажувај точно и прецизно за какво ослободување се работи? Ослободување од клетва, од црна магија, анатема? Ослободување од зависност, од алкохол, дрога или комар? Ослободување од турско, од фашизам, од диктатура? Ослободување од запоседнатост од демони? Ослободување од опсесија? Конкретно мора да се каже. И, плус тоа, за кој брат од твоите 69 браќа по мајка?“, запраша Гуруто.
              „Заборавивте, Гуру, о-о-о пресветол, да му го понудите и менито што го додадовме на последниот Космички конгрес, за ослободување од уплав и од уроченост“, го дополни црната кучка.
                „Ете и од тоа ослободуваме. Ај сега побргу одбери“, побара гуруто. 
               „Ослободување на брат ми Виктор – близнакот од заробеност во азилот за кучиња скитници во Рекиште, најконкретно кажано“, испука како од пушка Хектор. „И, плус тоа, истовремено ослободување на неговиот сопственик, професорот по археологија и античка историја, Смиле Смиленски, од истражниот затвор во Шутка; всушност, од затворската лудница, најконкретно.“
             ,,Запиши тука написмено, сине Хекторе. Дај детални податоците за субјектите. Бргу...“, изговори со мајчинска топлина црната кучка со белите шепи.
                Хектор со еден нокот веднаш ги запиша имињата врз земјената патека на која стоеја тројцата. Додека пишуваше, гласно си цивкаше, како да си спелуваше по кучешки самиот за себе.
           ,,Еве како ќе го осуетиме ослободувањето. Ќе ги повикаме 42-те кучиња од централната ложа Алфа-Омега од Меровиншкото кучешко братство за да го изведат ритуалот на ослободувањето на куче од шинтерница и човек од затворска лудница. Ритуалот ќе се практикува истовремено, зашто обата субјекти се силно енергетски поврзани.“ Откако го изговори ова, гуруто повторно фати да завива во волчешки манир.
                 „Што друго ви е потребно, гуру наш, кажувајте овој час?“, започна да говори како во сонет од стихови црната кучка. „Кои реквизити, кои магични зборови, кои магиски ритуали, кои ремедии ги барате од мене, гуру мој пресветол?“

         „Ооооо, ти сестро, видовита пророчице, бајачке наша Паладина, и ти брате побратиме Хектор. Ќе ни треба едно рало гаќи од инволвираниот премиер, влакна од крзното од субјектот–братот твој, шест јајца од некој гулабарник од населбата Пржино и езерска вода, црпната од кај Долно Дупени. И на крајот, да не заборавам, една смрдлива чорапа од професор Смиле. Не мора да е свежа, може и бајата“, изговори гуруто Изди-Аве, божем буквално чита од книгата. 
                                                                                      ..... продолжува....
Извадок од романот ТАЈНОТО БРАТСТВО