Wednesday, July 22, 2015

Писмо до мајките на насилниците - платениците кои претепуваат по нарачка

Почитувани мајки-патриотки и честити женички.

Погледнете ја сликата на овој претепан човек а потоа погледнете дали во домот (станот, куќата или гаражата), можеби ќе најдете шипки и палки на кои се суши крвта и парчиња од кожата на Маријан. Дали неговата ДНК по некоја случајност се вселила во вашиот дом? Можеби токму вашиот син посегнал по уставно загарантираниот физички интегритет на овој човек. Многу е веројатно дека 5 мајки од вас си го "изгубиле" сопственото дете во оваа мрачна насилничка и смртоносна приказна.


Ајде за момент, навратете се на моментот кога го изгубивте родителскиот контакт со вашите родени деца, потомци или штитеници, и кога допуштивте стихијата на партијата да им го одземе човечкиот елемент од младите заскитани души. Прашајте се, кога тие ваши деца ги фати улицата/партијата? Кој е моментот кога тие кришум од вас почнаа да му се продаваат на ѓаволот за некоја ситна пара? Koга зафатија да враќаат долгови со "физички" надомест во замена за простена ситна кражба или дилерство со дрога? Кога ги испуштивте од рацете и ги втеравте во двоен криминал: КРИМИНАЛ и КРИМИНАЛ ЗА ПРОСТУВАЊЕ НА ПРВИОТ КРИМИНАЛ?

А и тие ваши деца, сегашни изроди и монструми, сетете се на момент, еднаш беа толку мали е нежни суштества. Додека беа малечки и додека ги доевте во прегратката, држевте за раче за да проодат, кога ги учевте да кажуваат за мочкање и какање, тогаш тие ви веруваа и се предаваа на вашето воспитување. Зошто наеднаш се отугија од вас, и му се дадоа на некое фантомско воспитувачко битие? Најдете го моментот на губењето на контактот, помогнете си себе си и ним да го премостат, зашто еден ден нивното насилство ќе го истурат и ДОМА, НА ВАС, НА ИДНАТА СОПРУГА, НА ДЕЦАТА ШТО ЌЕ ИМ СЕ РОДАТ (вашите мили внучиња)!!!

Затоа, за нивно добро, пријавете ги, за да им помогнете да го прекинат овој ЃАВОСЛКИ МАГЕПСАН КРУГ НА ЗЛОТО.