Saturday, May 30, 2020

КАКО ДА СЕ ИЗБЕРЕ ДОБАР РЕКТОР НА УКИМ?


Во изминатите 75 години постоење на УКИМ имало неколку добри ректори, вистински просветни дејци, творци и градители на академската заедница, бранители на достоинството на професорската фела, визионери и домаќински планери на иднината на државата. Искрено се надевам дека и деновиве ќе се појави барем еден таков кандидат којшто ќе го препознае и академската заедница на УКИМ, и со некорумпирана и бистра свест ќе го изгласа.

Add caption
Инаку, во колективната меморија на државава се запечатени и лошите, полошите и најлошите ректори во историјата на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Има ли таков меѓу вас професорите кој може да заборави на еден ректор од она најмрачно ВМРО-вско доба на диктатурата, кога 70-тина професори се кренавме на протест во 2012 година во бесомачна одбрана на автономијата, против новиот, тогаш противуставен Закон за Високо Образование? Од прва рака ви кажувам, ректорот на нашиот повик да ни се придружи одговори со бегање, а имаше историска можност да ни се придружи, и да ја распали таа единствена револуционерна искра во мрачното безумие која можеше да иницира серизна општествена промена. Понатаму, Ректорот дозволи да ни се спротистават контрапротестанти. Тоа беа неколцина млади и тапогледи студенти, кои со заматен поглед и сведната глава бегаа од камерите, не знаејќи како да одговорат на новинарските прашања, за што се залагаат и за кои членови од новиот ЗВО сметаат дека се добри и не ја загрозуваат автономијата на универзитетите. Конечно, може ли некој да заборави и да прости за најголемиот ректорскиот грев кон студентите, кога беше нарачано тепање од специјалните сили на МВР во 2015 година пред студентскиот дом Кузман, само поради нивниот мирен протест против нерегулатноста во студентските избори. 

Никако да не смее да се заборави дека диктатурата на Груевски се зацврсти токму поради  молкот на академската заедница, поради недостиг на лидерство во структурата на УКИМ, т.е. ректор што ќе му застане на патот на лекоумниот диктатор со силата на знаењето, моќта на науката и штитот од академската слобода. За жал, се случи сосем спротивното, диктаторот Груевски беше награден со плакета од страна на ректорот на УКИМ за наводните енормни заслуги и беспоштедно залагање за развојот на Университетот УКИМ. 

Потсетник на ректорските гревови
Конечно да се потсетиме на грешното минато на сегашниов ректор, за да не ни се повтори.

ГРЕВ 1: Пред се, негоивиот избор според стариот закон беше скандалозно изведен со помош на корумпираната и инкриминрана млада ВМРО-вштина, таканаречениот Судентски парламент. Кутриот тогашен кандидат а сегашен ректор и повторен кандидат, воопшто не се појави на јавната дебата што ја организираше Професорскиот Пленум за сите кандидати за ректор, за да не видиме колкава е празнината што ја носи неговиот кандидатски лик. 

ГРЕВ 2: Само што ја наседна фотељата во Ректоратот тој веднаш направи некаква ујдурма со Стоматолошкиот факултет, не сакајќи да го потврди од необјаснив чист инает легално избраниот декан, без никаква аргументација за оваа своја цврста определба. Секому што му пртовречел, тој во доверба му дошепнувал дека за дотичниот декан има нешто сериозно инкриминирачко. За жал, ректорот не го обелодени тој клучен податок, а нити, пак, го пријави наводниот криминал кај надлежните органи. После некое време и после купишта адвокатски хонорари џитнати заради одбрана по управни постапки, тој наеднаш реши да биде умен и да попушти. 

ГРЕВ 3: Ај да потсетам и дека тој пред 2 години, од чиста мира и од „синото плаветнило’’ од Ректоратот ја избрка вработената внатрешна ревизорка, за што процесот по судовите сè уште трае, а од УКИМовата каса се уште се излеваат илјадници евра за адвокати. 

ГРЕВ 4: За еден од најголемите ректорски гревови јас го сметам тој кога Независниот Академски Синдикат (НАкС) направи детална анализа на кадрите и платите во јавните високообразовни установи, нешто аналогно на ректоскопија и колоноскопија во дијагностиката на абдоменот, па му укажа на ректорот дека состојбата со подмладокот на УКИМ е алармантно неповолна и дека Универзитетот кадровски ќе одумре без можност за саморепродукција за 10-тина години. Исто така, му беше предочено дека начинот на формирањето на платите на  УКИМ е неодржнив (дека некаде редовните професори земаат 500 евра а некаде 2000 за истиот обем и истата сложеност на работа). И погодувате што презема тој и за двете укажувања? НУЛА! НИШТО! Па зарем тој ќе ти се замерува со власта на Заев или Груевски, со Куртино или со Муртино во заштита на еден универзитет и неговата иднина доколку со сигурност знае таквата непослушност може да му ги намали солидните приходи и бенефиции  од оваа функција?

ГРЕВ 5: Ај да ве потсетам и на скандалозниот избор на членови од Интеруниверзитетската Конференција со која раководи ректорот на УКИМ. Имено, со новиот закон е уредено со развојот и унапредувањето на високото образование во Македонија де раководат членовите на Националната Агенција за Високо Образование, заедно со двете тела за Акредитација и Контролата на квалитет на ВО.  Имено, при изборот на овие членови ректорот направи толку голем смут од сплотени злоупотреби во стек, така што Антикорупциска реагираше и побара од министерот да ги среди замрсените работи по законски регуларен пат. Но и од ова ништо!

ГРЕВ 6: „Најјуначкиот’’ подвиг на Ректорот сепак го сметам оној со формирањето на КОНТРАСИНДИКАТОТ. Имено, заради наводно зголемување на цркавицата од платите за 10%, Владата нарачала тоа да го направи по барање на репрезентативен синдикат. Па бидејќи немало нему симпатичен синдикат (СОНК и НАкС не му биле по мерка) решил да стори низа злоупотреби, та да наведе 1000 членови на УКИМ и други универзитети да потпишат пристапница за новиот синдикат. И за оваа квазисиндикална мизерија тој беше ставен на интелектуално стрелање. Додуше и антикорупциска повторно излезе со реакција за ова принудно синдикално организирање кое го етикетираа како „злоупотребa”.  

ГРЕВ 7: Последнава злоупотреба што ја направи Ректорот на УКИМ во врска со отпочнување  на процесот за избор на ректор во сред вонредна состојба е направена со сериозна умисла - да може со помош на дигитални смутови да се устоличи во ректорската лагодна фотеља уште цел еден мандат. И повторно Антикорупциска му кажа дека прави злоупотреба.

Каков Ректор треба да избере УКИМ?

Затоа ги молам колегите од УКИМ пред да гласаат да ги истражат кандидатите и нивните биографии пред да им се појави фиљан-човек што ќе им го посочи фаворитот на власта. Ги молам колегите да бидат достојни на научните титули и да гласаат, пред сè за кандидат кој во својата ДНК не содржи гени од без’рбeтен црв ниту, пак, од семе сончогледово.  Ако го помине овој главниот критериум, тогаш најдете го човекот којшто има најмногу сопствено научно творештво и не се шлепувал на трудовите на соработниците (значи да има доста трудови на кои е прв автор или автор за кореспонденција). Потоа испитајте дали има успешно завршен подолг престој на некој познат странски универзитет кој резултирал со научни публикации, зашто ова е гаранција за неговиот углед во меѓународни размери. Потоа ви предлагам да најдете негов колега што ќе ви потврди дека некогаш и некаде одржал одлична орална презентација на сопствената научна работа на некој познат меѓународен конгрес, т.е одлично се служи со странски јазици и поседува комуникациски вештини. И на крајот, погледенте дали неговиот лик, неговиот поглед, неговиот телесен став оддаваат доверба на бескомпромисен интелектуалец со дигнитет и сувереност. Гласајте за најдобриот, затоа што само таков ќе може да не извади од неакадемската кал во која заглибивме со помош на претходните неколкумина.  Се работи за татковината. Да си знаете.