Friday, October 8, 2021

Продолжен кабел пред суд

Мимоза Ристова

ПРЕДГОВОР: Искажувам најдлабоко сочуство до семејствата на 14-те трагично загинати во катастрофата во Тетово. Воедно се извинувам што морам да употребам сатира за критика на одлуката на Премиерот Заев да не ја прифати оставката на Министерот Филипче. Не би знаела  инаку како да се справам со ваква апсурдна ситуација покриена со траги-комична прекривка. 

* * * 

Продолжниот кабел во улога на ОБВИНЕТ се јавува на судското рочиште на распитот на странки. Обвинителот му поставува прашања на ОБВИНЕТИОТ кабел:

-          Господине КАБЕЛ, ве молам појаснете му на судот од каде дојдовте?

-          Па мислам дека од Бугарија ме купија.

-          Ама не тоа, ирелевантно е тоа за случајов, кој ве донесе во монтажната болница?-му појаснува обвинителот?

-          Па ме донесоа роднините на еден од пациентите, не им го запомнив името, -одговара кабелот.

-          Одговорете со ДА или со НЕ, дали ве донел и во штекерот ве уштекал Министерот Филипче?

-          Не.

-          Благодарам, немам повеќе прашања. 

Инаку на продолжниот кабел му назначија и бранител по службена должност.  Пристапи одбраната на кабелот за да ги постави своите прашања.

-          Господине продолжен кабел, колку дупки имавте на судниот ден, или се уште имате?

-          Имам три дупки, и сите се дупки, нема некоја да не е дупка, - како од пушка исфрли обвинетиот.

-          Колку апарати примивте во ваште дупки, вечерта за време на несреќата?

-          Па мислам дека примив три: еден дефибрилатор, еден полнач за мобилен и уште еден апарат, не знам што беше. Можда бокал за греење топла вода за чај или кафе, ама не сум сосем сигурен.

-          А кој ви рече да примите три електрични уреди?

-          Никој не ми рече, едноставно ме оптоварија без да ме прашаат луѓето што беа однадвор влезени за да им помагаат на тешко болните од корона вирус, да им варат чај и да ги негуваат. Го извлекоа дефибрилаторот, го вклучија продолжниот и потоа во него вклучија сè.

-          Значи, дали Министерот Филипче дојде да вклучи три одделни електрични потрошувачи во вас?

-          Не.

-          Немам повеќе прашања.

Сега судијата се заблагодари на одбраната и побара од кабелот да појасни уште неколку нејаснотии пред чесниот суд.

-          Какво образование имате?

-          Имам средно ЕМУЦ.

-          Дали знаевте дека не сте димензиониран да примите наеднаш три потрошувачи, од кои два со голема моќност? Дали и друг пат ви се имаат спојувано жичките, или ова ви е прв пат?

-          Не знам друже судија, јас делот од градивото што ги опфаќа Омов и Џулов закон не ги имам добро совладано. Инаку прв пат ми се споија жичките и настана кус спој, па дојде до прегревање па запалување.

-          Нека влезе во записникот дека кабелот бил недоволно стручен за обавување на својата функција, - возгордено и издиктира судијата на дактилографката. – И конечно, господине продолжен, одговорете ми, дали Министерот Филипче е некако одговорен за вашето лошо образование и нестручноста.

-          Не, не, не е. Не е негов ресор. Ама и да беше. Сам сум крив. Не учев доволно.

-          Господине продолжен, дали ја признавате вината за погибелот на 14 живи изгорени болни души и членови на нивните семејства.

-          Признавам, признавам!  СЕ ПРИЗНАВАМ!

-          Заведете во записникот дека ОБВИНЕТИОТ ЈА ПРИЗНА ВИНАТА. – издиктира кај дактилографката.

-          Имате ли уште нешто да изјавите пред чесниот Суд?

-          Имам друже судија. Затворете ме, ако сакате обесете ме! И онака не можам да спијам, и повеќе воопшто не можам да се напојувам со струја од чувство на вина зашто зацрнив цели семејства и државата ја обвиткав во траур. Најмногу ме прогонуваат сините очи на убавата девојка која од преголема љубов жива изгоре со мајка си. Сон не ми дава зашто се обвинувам себе си за смртта на тие 14 тажни душички кои заради мене, никаквецот, беа проголтани од пламените јазици. Виновен сум и тоа што не однесов таму ни апарат за гаснење пожар, и за тоа што материјалите на монтажната градба беа нессодветни, и тоа што немаше медицински персонал да ги негува тие болни немоќни душички. Целиот паднат систем на здравството на Македонија падна од мојот неморал. Мојата функција заврши – треба да сносам и кривична и морална одговорност.  Бидејќи моето постоење нема никаква смисла, ве молам  ОБЕСЕТЕЕЕЕЕ МЕЕЕЕЕЕЕ ИЛИ БАРЕМ ПРЕСЕЧЕТЕ МЕ СО ЦВИКЦАНГЛА!!!