Monday, May 29, 2017

Како да има екстерно а да не боли?

Мимоза Ристова

Брза законска одредба за отфрлање на екстерното тестирање на учениците во РМ во моментов изгледа како невозможна мисија.  Без оглед на нашата свесност за штетните последици и психозата од казните што ги посеа несреќниот концепт кај децата, нивните семејства и кај наставниците, тешко е да се каже дека екстерното нема да се спроведе.

Повеќето од нас јасно ја видоа сликата дека знаењето што го добиваат учениците низ нашиот метастазиран систем е далеку од неопходното во споредба со она со кое се здобива просечното европско дете. Видовме и дека инструментот на казнување на наставниците што оценуваат различно од државатадонесе само јад и чемер во наставничките кругови.

Сепак, не треба да се пренебрегне фактот дека доколку стручно се спроведе, екстерното тестирање може да ни послужи како прецизен мерен инструмент за два важни параметри. Од една страна, екстерното е постапка за контролата на квалитетот на системот кој го реформира владејачката структура, а од друга страна, пак, тоа може да го ублажи уделот на субјективноста (преголемата строгост или попусливост) на наставникот.

Поради тоа, екстерното не треба да се исфрли како концепт, но сепак треба стручната јавниост низ широка дебата да дојде до таквите научни заклучоци кои ќе доведат до негово реформирање. Во моментов, така како што е поставено, тоа е извор на масовна социјална патологија. Тоа никако не дава слика за генеричките и трајните знаење со кои треба да се стекнат учениците во соодветните одделенија/класови, туку е мерка за тоа колку родителите се изнамачиле да ги присилат децата да учат сувопарни и беспотребни податоци за кои просечниот интелектуалец нема поим?! Тоа е и мерка и за тоа, колку добростоечките родители инвестирале во приватни учители за да го впрегнат своето дете да ги набуба бараните детали, кои никому не му служат.

Децата треба да го полагаат екстерното
Сметам за потребно тестирањето овој пат да се спроведе без да се олицетворат неговите штетни нуспојави. Потребни се само инстантни мали законски измени според кои  оценките од екстерното нема бидат внесени во свидителствата. Треба да ги оставиме децата релаксирано и без никаков дополнителен напор, без трауми и стрес, да го направат тестирањето, со цел да го измериме само уделот на минатата власт во успехот на реформираното образование. Мислам дека треба злосторниците од ДПМНЕ да ги мавнеме со нивниот стап и да покажеме дека тие со своите мизерни популистичко-крадежливи и насилни образовни политики не доведоа до системска деградација и до дното на скалата на европското образование.


Сметам дека дури потоа треба да следуваат широките дебати и научните анализи кои треба да доведат до позитивни законските измени низ регуларна постапка. Сметам дека по нив екстерното тестирање ќе се прогласи за дилетантска маша на диктатурата и ќе се врати назад во форма на пилот-проект низ кој ќе се изгради вистинскиот применлив модел во интерес на напредокот и растот на писменоста на овој народ.