Monday, August 28, 2017

ТАЈНОТО БРАТСТВО (дел 2)

....

Кучето Виктор


Конкретно во оваа мисија од мене се бараше целосна посветеност на работата. Имаше денови кога бев активен и по 24 часа.  Инаку, во мојот професионален живот имало мисии во кои што работите се одвиваа полежерно, но оваа, како што и самите ќе се убедите подоцна, беше како на турбо ракетен погон.  Седнав, ги искомуницирав сите камери и увидов дека сите беспрекорно до рисиверот си испраќаа непрекинат аудио-видео сигнал. Инаку, тука не можев да употребам камери кои имаат директна комуникација со сателитот на Шмугл, бидејќи оваа точка претставуваше некаква комуникациска дупка. Постоеше некое засенување или фејдинг ефект којшто никако не успевавме да го коригираме до саканите размери. На екранот ги наместив четирите слики од четирите микро-камери со Wi-Fi врска, со опремата во жолтото комбе. Со далечинските управувачи ги вклучував една по една и го наштелував засилувачот на звукот од кристалните микрофони. Вклучив по неколку дигитални филтри за редукција на шумот на секој од четирите микрофони за истакнување на говорните фреквенции. Кога бев готов, седнав да видам што се случува. Инаку, мојот шеф Џ.С. не ми имаше испратено никакви воведни зборови за мојта конкретна задача во оваа мисија. Веројатно од таа причина, мене ми се случи неколку пати да застранам, и на своја рака да преземам посебни истражни мерки кои од мене никој не ги побарал. Шефот ми испрати само поштата којашто го носеше жигот "Само за твои очи", во која пишуваше: "само снимај и испраќај ги интелите на договорената адреса додека не добиеш нови инструкции". Значи, за чудо, досега  невидено,  ЦИА од мене не бараше никаква посебна анализа, туку само техничко покривање. За во објектот Рекиште ми побараа да поставам неколку од дигиталните очи и уши за надзор на ова бизарно опкружување. Тоа значи дека мојата тајна мисија започна со вовлекување инкогнито во просториите на азилот за скитници, "Рекиште" во сред ноќ, па потоа во црна темница закачување на микро-аудио-видео уредите кои комуницираа со безжична комуникација со мал предавател, монтиран во непосредна близина, однадвор на објектот или, пак, со приемникот во жолтото комбе. Кај овие софистицирани направи, аудио-видео сигналот патуваше по фреквентно модулирана "туба".  Да истакнам дека овие совршени уреди не беа опремени ниту со литиумски батерии ниту со фотоволтаичната ќелија, туку до нив преку предавателот од жолтото комбе се испраќаше високофреквентен напон кој се вмешуваше во целата електромагнетна чорба од разни фреквенции, за нивно напојување по безжичен пат.    
              Нејсе, се загледав во камерата број три што ми беше поставена за надзор во просторија во која имаше повеќе кафези за животни. Забележав дека само во еден од кафезите имаше резидент - еден единствен пес-скитник со среден раст. Имаше златно-жолто долговлакнесто крзно што беше доста валкано и запустено. Песот често се драпаше сосем невешто со задните нозе во пределот на вратот. Повремено песот ја губеше и рамнотежата во таа неприродна положба и ќе се срушеше странично.  

"Пуштете ме да си одам дома во населба Аеродром! Го знам патот! Вакциниран сум! Погледнете, еве ми го микрочипот  под крзното зад левото уво!" слушнав како гласно говори песот на слушалките на третиот канал, веднаш штом го вклучив. Искрено, морав да го стишам звукот, зашто овој пес, практично урлаше на сиот глас. Кутрото куче, беше сериозно обеспокоено. Очигледно, вознемиреноста потекнуваше од неговиот престој во овој непожелен простор во кој веројатно го донеле под присила и спротивно на неговоата слободна воља. Како да имаше лошо претчувство за сопствената судбина и како да се тресеше од студ, а воопшто не беше студено. Нервозно се чешаше насекаде по телото, а повремено си го лижеше курето, па повторно се чешаше, и сѐ така прилично невротично. Како и да е, воопшто не ми беше јасно зошто ЦИА се интересира токму за овој симпатичен но претерано валкан пес кој не прилега на некоја конкретна раса, и кој, најверојатно е преполн со болви. Засега не успевав да си го поврзам ова кутро животно со некаков сериозен политички настан на кој медиумите би му придале некоја важност, а кој е во некаква каузална врска со евентуална претечка опасност за безбедноста на САД. 
                "Абре луѓе Божји, хомо сапиенси, хомоеректуси, хомофоби, фаунохоби!  Слушате ли?", цивкаше кучето, а одвреме навреме ќе фатеше со волчешка интонација да вие со муцката устремена кон таванот. "Ништо не разбираат овие. Како да се ретардирани! Извинете на дискриминаторсиот јазик", ќе речеше, и потиштено ќе ги сведнеше едновремено и главата и газот, ќе го подвиеше опашот меѓу задните нозе, па ќе фатеше гласно да брефта. Повремено ќе станеше и ќе земеше да се трие со целата снага од металните решетки. Кутриот пес, со доза на параноја ќе се наведнеше наземи, па со снебивање ќе сркнеше малку водичка од една 'рѓосана тацна за да ја разблажи желудечната киселина со што привидно ќе го отепа гладот.
                Наеднаш автоматскиот софтвер ми сигнализираше и тонски - со бипкање, и визуелно - со трепкањето на еден портокалов маркер, дека има активност на камерата број 2. Оваа камера ја имав вградено во плафониерката во ходникот што водеше кон внатрешните простории на азилот Рекиште. Забележав дека  влегуваат двајца во бели мантили. Потоа обајцата навлегоа во полето на камерата број 3. Дури сега се обеспокоив, па и самиот добив лошо претчувство за судбината на кучето. Жената во белиот мантил пријде кон кафезот со кучето, и благо се наведна за да го погледне меѓу нозете.      

              "Мажјак. И тоа шугав", изговори самоуверено. "Бљак! Погледни му ги крастиве по пелвисот", му покажа со долгоноктиот показалец на младиот маж во белиот мантил.
                "По пенисот рековте?", запраша младиот човек, откако и тој се наведна.
                "Реков пелвисот", одговори отсечно жената.
                "Имате право професорке. Шугав е."              

            "Уф, уф, уф, и пенисот му е зафатен. Бљак", со голема доза на згаденост изговори жената откако повторно се наведна за да го погледне кроткото куче помеѓу нозете, додека тоа повторно си се ангажираше со лижењето на сопственото куре.
                "Да! Гледам тука огромни красти. Цели јуфки од епител има на пенисот". Младиот ветеринар повторно го изговори текстот низ нагон за повраќање и поткашлување од згаденост.
                "Не е регистриран, нема микрочип, нели?", запраша докторката.
             Тогаш младиот ветеринар го зема мобилниот уред за читање податоци од микрочипови, чкрапна по копчето за активирање на читачот и увиде дека батериите му се докрајчени. Истиот момент ја зумирав камерата број три за појасно да го видам дисплејот од инструментот за читање на микрочипови кои се вградени поткожно. Резолуцијата беше доволно голема, така што сосем јасно на екранот се читаше дека батеријата мора да се замени. Не сакајќи да признае пред својата претпоставена дека од пуста немарност, но и неодговорност нема набавено резервни батериии, тој одглуми дека отчитува на екранчето, и дека уредот не детектира никаков микрочип.                                       "Нема микрочип", излажа младиот ветеринар. "Сигурно нема", уште еднаш потврди, за да биде поуверлив во лажниот исказ.
                Заборавив да ви напомнам за едно од најновите научно-технички изуми на зоо-психолошкото и на дигиталното одделение на ЦИА. Коњункцијата на научните експерти од овие две области  резултираше во алатка којшто може да врши директен превод на звуците што ги испуштаа кучињата "нивниот вокален говор" и од нивниот телесен јазик.   Така, со помош на оваа дигитална апликација, врз видеото од кучево во кафезот, на пример, јас добивав говорно облаче со текстот што всушност ја одразува моменталната мислата на кучето. Истражувањата на голем број примероци покажаа дека текстот беше одраз на мислите и говорот на кучето 
со доверба од 95%. Инаку, јас бев пионерот во иницирањето и развитокот на оваа софтверска алатка. 
                "Мизерници! Нашле куче да омаловажуваат! Јас сум бил шугав?! И пенисот ми бил шугав! Сум немал микрочип", им заврте грб кучето на двајцата во белите манили, со тоа кажувајќи им дека нит сака да ги слуша, ниту да ги гледа.  "А овој не ли се видел во огледало колкав нос има? Како на клун од гавран му е свиткан надолу. Што се замислува тој!", се испиша во говорното облаче, говорот од кучето на мониторот од камерата број три.
                Секако дека тука ќе се запрашате како е можно кучето да го разбира човечкиот говор од македонски јазик, и како, всушност, му успева да осознае дека тие не успеале му го најдат микрочипот. Е, тоа сознание за кучешката дарба и опременост со универзални сензори за детектирање на човечка мисла, умисла и намера, сѐ уште не беше научно расветлено до темел. Се сметаше дека механизмот на разбирањето на секој хуман јазик од страна на овие совршени суштества беше најверојатно поврзан, не само со разбирање на јазикот на телото, туку и со молекуларни рецептори во носот на кучето. Најверојатно кучињата преку сложените јонски патишта и невронски мрежи ги анализираа хемикалиите во човековите излачувања и така ги толкуваа нивните мисли. Имено ензимите, хормоните и феромоните што ги ослободуваа човечките битја во етерот говореа повеќе од зборовите, а кучињата беа обдарени со таа совршена "опрема" за декодирање. Некои научни публикации потврдуваа дека кучињата имаа двојно па и повеќе рецептори за мисрис отколку луѓето. Некои тврдеа дека сензитивноста им е супериорна и се мери со фактор од десет, па и повеќе. Сепак, кучешките рецептори за мирис како да беа наштимани да прибираат информации од емотивниот статус на луѓето, па така се создаваа перцепции еквивалентни на читање или разбирање на човечкиот говор.
                Но, сега дозволете ми да си продолжам со моите моментални технолошки аудио-визуелни обсервации на затворениот пес во Рекиште. По краткотрајното бесцелно шуткање низ просторијата со кафезот,  ветеринарите фатија нешто, секој за себе, да пишуваат во своите ветеринарски дневници. Најверојатно ги заведуваа анамнезите од извршените прегледи. Еден миг кучето  се заврте кон камерата, небаре знаеше дека се снима, та веднаш почна да ја раскажува својата животна приказна. Па како беше возможно кучево да знае дека имам ставено камера и дека таа го снима токму него?        

        "Не, не може да знае. Можеби со своите изострени рецептори само ја чувствуваше фреквенцијата на носечкиот сигнал на Wi-Fi-то!", си изговорив полугласно додека се варев во спарината во комбето и веднаш се уплашив да не беше тоа прегласно, и да не го привлечам вниманието на некој случаен минувач. Се уверив дека никого немаше во околината, откако погледнав во малиот монитор за надзор на самото жолто комбе.
                Кучето го продолжи монологот низ цивкање и снебивање низ кафезот. Јас внимателно го читав преводот на неговиот "говор" на англиски јазик. Патем, замислете, науката неодамна дојде до сознание дека кучињата од сите земји од светот се користат со истиот јазик и дека меѓусебно комуницираат без да имаат потреба од превод.  
                "Судбината си поигра со мене. А  до пред еден месец си живеев во двоиполсобен стан со тераса и со парно греење. И гаража имавме веднаш под зградата. Си спиев на кожен тросед во  дневната, наспроти плазма телевизор од 42 инчи. Секое утро си јадев бурек со месо а навечер сува кучешка храна. И плус тоа, бев редовно вакциниран. Но, ете, откако ни се случи оваа трагедија, јас почнав да јадам од контејнер. Успевам само да душнам од мирисот на месото од месарницата. Вчера лигите ми течеа од муцката како од расипана чешма, додека стоев таму.  Гладен сум како волк! Абе дајте, фрлете нешто веќе! Ама како не успеаа да ми го најдат микрочипот за идентификација, не ми е јасно? Искрено се надевам дека нема да ми прават проблем за тоа што немам педигре. Јас сум си обична домашна џукела од мајка Леси. Татко ми, кажуваат, бил лабрадор. Ама кој знае дали е тоа баш така. А башка, овие раниве не се од никаква шуга. Овие се од драпање, од валканиве ноктишта. Од болвите и од запиените крлежи се драпам нон-стоп", искажа кучето низ воздишки и бревтања, и започна повторно енергично да се драпа, да се корне.
                "А не ми е јасно на кој универзитет ви ги дале тие пусти дипломи? Од Африканскиот Универзитет?! Ветеринари-дунстери! Гррррр!" сега веќе наново се вознемири и овој пат очајнички се разжести во интензитетот на тонот. Им се заврте на докторите и гласно  заржа со вибрирање на мекото непце над очниците.
                "Отвори му веднаш на ова куче ново досие, те молам", му се обрати ветеринарката на младиот колега, додека нешто си запишуваше на лаптопот.
                Младиот ветеринар веднаш отвори на текст-процесорот нов бланко формулар и започна да го пополнува, и тоа на цел глас, за да и даде на знаење на неговата претпоставена дека агилно си ја исполнува задачата.        

        "Опис и дијагноза - шугавост!", трескаше на тастатурата младиот ветеринар и чат-пат ќе погледнеше кон ветеринарката, која му беше завртена со грбот. На белиот мантил и паѓаа свежо завиените кадрици во форма на надолжни спирали од сламесто жолто обоената коса. Напред на челото имаше многу прецизно, како божем со линиер отсечени, прави сламести кркми.
                Одненадеж, сигналот од звукот во слушалките нагло ми се намали, а сликите на мониторот драстично се влошија до ниво на непрепознатливост на ликовите на протагонистите. Автоматскиот засилувач за оддржување на нивото се обидуваше да ги подобри, но ништо освен зголемен шум а ослабен сигнал. Ги симнав слушалките од главата и слушнав дека надвор се случува почеток на здивена летна олуја. Почнаа да капат крупни капки од летен дожд, кои сѐ посилно и позачестено трескаа по кровот од комбето. Веднаш  ми текна дека временската прогноза си кажа дека ќе има дожд, но јас таа информација како да ја имав пренебрегнато. Според протоколите за работата со надзорот во ЦИА, доколку не успеваше автоматската предзасилувачка и засиливачка електроника по демодулацијата да го подобри сигналот, тогаш агентот мораше да прибегне кон аналогно подобрување на сигналот, и тоа на наједноставниот начин што постои. Го запалив комбето и полека тргнав да му се приближувам на изворот на сигналот, сепак останувајќи незабележан од таргетот, т.е. од прислушуваните луѓе. Инаку,  жолтото комбе беше намерно направено да изгледа како обична безвредна к'рнтија на нафта. Одзади беше опремено и со еден лажен кородиран ауспух. Шасијата беше земена од најстарите комбиња на Фолксваген. Го офарбавме со жолта масна боја со обична четка, и тоа без претходно стругање и китирање на претходните руинирани слоеви. Но, верувајте, изгледот мамеше. Никој не би рекол дека тоа комбе беше собрана електрониката на 22-иот век. Беше целосно на електричен погон. А напојувањето му беше од најновата генерација од литиумски батерии со вкупен капацитет од околу илјада ампер-часови. Беше специјално опремено со севозможни сензори, компјутери и специјални комуникациски уреди со аудио-визуелни технологии. Софтверските алатки беа специјално изработени во дигиталното одделение на ЦИА. Одбраната на системите и датотеките, т.е. Фаерволот беше навидум совршен.  Со тоа комбе можев секогаш да си дозволам нечујно и невидливо да му се доближам на субјектот. Значи, доколку влажноста во воздухот се наголемуваше или сателитотската електроника не успеваше да го улови сигналот, тогаш јас го преземав со помош на мобилната антена и софостицираната применичка електроника. Го запалив нечујниот мотор и возев без запалени фарови, но со вклучена инфрацрвена камера.  Извозев без да направам каква и да било колизија со надворешните објекти. Во тоа ми помагаа и сензорите за оддалеченост што ги имав осум на број. Значи, законите на физиката кажуваат дека примениот сигнал е далеку посилен доколку изворот на сигналот е поблизу го приемникот. На новата позиција на жолтото комбе јас ги добив и сликата и тонот значително подобрени. Забележав дека не сум пропуштил многу, и дека ветеринарите сѐ уште се шуткаа наоколу,  правејќи слободни проценки на дијагнозите на кучето.
                "Запиши, среден раст мажјак од околу 12-15 килограми. Најпрво дај му ја потребната доза седативи - две дијазепамчиња од по 5 милиграми. Кај графата за  терапија запиши - анестезија. А, кај графата -доза, запиши - 15 милилитри. Што е сигурно, сигурно е! ", диктираше ветеринарката.
                "Всушност, мислам дека многу му се на овој 15 милилитри. Да му дадеме само 10 милилитри медетомидин хидрохлорид, и само 10 милиграми бензодијазепин. Мислам дека е сосем доволно за овој. Видете го, коска и кожа е. Ако е висок!", типкаше по тастатурата младиот ветеринар.
                "Добро! Чим е толку слабичок, дај му само 10 милилитри анестезија. И онака треба да штедиме за да има и за другите", се коригираше ветеринарката, и со очите уште еднаш бегло го прегледа кучето. "Гревота е да живее со волку болештини. Подобро е да умре отколку да живее со таквата  шугавост и да се измачува со тие отворени рани по пелвисот", продолжи таа. "Ако ние не го заспиеме сега, до зимава ќе го снајде долга, тешка и болна смрт. Ќе фати севозможни кожни инфекции и на крајот ќе финишира со сепса", не престануваше ветеринарката да бара оправдување за предложената 'терапија'. Додека диктираше, таа  продолжително шпарташе низ собата со мачкасто одење на високите потпетици од црвен лак, нога пред нога.
                "Така е, многу е болен. Смртта е спас за ова кутро животно" потврди младиот и стана од компјутерот за да покаже дека ја земал анамнезата и ја препишал терапијата за наводно, неизлечиво болното животно. Тогаш младиот ветеринар стана и се упати кон витринчето со лекарствата за да го обезбеди седативот.
                Кучето веќе беше вон себе си. Дури сега разбра дека неговото претчуство и способноста за толкување на човечкиот јазик не го излажа, како што досега никогаш го немаше измамено.        

        "Ох! Mе стрефи инфаркт! Ќе си умрам пред да ме егзекутираат!", се забрефта кучето во паничен страв и започна да кружи низ кафезот со невротични манири какви што покажуваат  прегладнетите кучиња. Тогаш, поради изливите на тешката фрустрација кучето започна дури и да 'ржи и да се џитка по оградата, небаре ќе успееше да ги искрши железните шипки и ќе си заминеше оттука. Откако не успеа да се пробие, тоа се опита да ги изгриза железните решетки. Едноставно, кучето имаше здивено од стравот за сопствената кожа и од потребата за бегство.
                Откако се премори во бесот, малку се потсмири, си легна со положување на главата меѓу предните шепи. Ги свена ушите надолу, и со кучешката тага во очите очајнички проговори:     

                  "Кој ви даде дипломи? И тоа магистерски!?    
           "Седирај го веднаш, оти почна нешто многу да ми аздисува!" отсече ветеринарката без трошка милост.
             "Еве, иде дијазепамчето со една саламка. Аааа-м! Добро куче! Умно!" рече ветеринарот со топол и милозлив глас, притоа страшливо внесувајќи го низ решетките од кафезот парчето салама во која има завиено две таблетки од по пет милиграми дијазепам. Кучето алчно ја излапа, и речиси за наносекунда ја проголта содржината. Младиот ветеринар направи згадена фаца, оти кучето при лапнувањето на саламката малце му ги излигави прстите.
             "Њам, њам! Убавко саламчево! Дај ми уште??", со милозвучна кучешка простодушност си мљацкаше кучето низ решетките, давајќи им очигледни знаци дека сака да јаде уште. Долго, чинам бесконечно долго кучето зинуваше, мљацкаше и се подигаше на решетките од кафезот кон ветеринарот за да му покаже дека сака уште. За жал, попуст беше сиот негов напор.
            "Дајте барем уште две-три парченца, скржавци едни?" зацвиле милно кучето во таговно вибрато и ја накриви главата во седечка позиција, само колку да им покаже дека е умен и да им се умили. "Од завчера не сум јаден. Завчера кај контејнерот до месарницата најдов една сува соголена коска. Таман малку лизнав, кога, за час ми дојде и ми се испрчи мускулестиот Гурко со своите озабени пајташи. Ми заржаа на уво и јас веднаш му ја спраштив. Ми го конфискуваа оброкот, и тоа бесправно. Рекоа дека рекетот во коски морало да се плаќа редовно." Додека ова го раскажуваше, кучето одеше назаечки, за да демонстрира што му се случило при инцидентот со насилниците на Гурко.
                "Хомо еректуси, гладен сум и немам никаква шуга, ме слушате ли!!?? Ќе се оправам!! Џабе ќе ме успивате!". Легна во очај и горко заплака, додека ветеринарите во заднината се занимаваа со административни работи и некакви документи па не забележуваа дека некој ги моли за сопствениот живот.
              Ветеринарот се загледа во кафезот со кучето, кое во дадениов момент се беше соземало од плачот и се беше фрлило во тежок очај. Тоа беше очајот на прифаќањето на судбината. Или пак,  дијазепамот почна бргу да му делува, па кучето постепено запаѓаше во седирана состојба.       

         "Еве го, задремува. Седативчето почна да му делува. Хе, хе, хе! Нанкај си кученце жолто. Нанкај си!", му запеа мелодично младиот ветеринар.
         Додека вознемирен гледав како кучето заспива, знаејќи дека следниот дел од терапијата е оној најстрашниот, забележав дека ветеринарите ги слекуваа белите мантили, тврдејќи дека е многу топло и спарно. Ми се причини дека јазикот на телото ветеринарката даваше сигнали дека му го има фрлено меракот на помладиот колега. Имено, додека правеа некаква тивка и беспредметна конверзација, таа интезнивно трепкаше со трепките премачкани со дебел слој од маскара и нападно кикотеше. Додека му објаснуваше со рацете таа постојано го допираше кај надлактицата и божем случајно му доаѓаше на непристојно мала близина.         

             Пустоно куче веќе беше легнало со сите четири на едната страна а очите му беа напола отворени и замаглени. Тоа повторно се подзаврте кон камерата, како навистина да знаеше дека се снима, та плачливо почна да реди. Го зумирав за да го имам во гро-план. Кутрото тоа, како токму мене да ми се обраќаше како до претставник на меѓународната заедница.                
          "Имам ли јас право на жалба до некаква второстепена комисија? Имам ли право на второ ветеринарно мислење за оваа наводна шугавост? Има ли апелација за фауна? Или некој меѓународен суд за кучешките права и фундаментални слободи? Хелсиншки, Амнести, јавете се! Некој нека крене слушалка и нека им се јави на овие! Има ли црвен телефон тој таканаречен Претседател на државата за да прекине извршување на смртна казна пред извршување!" говореше сѐ побавно и помалку разбирливо.
            Се испаничив. Испратив до централата еден интел од цел гигабајт зипуван видео и аудио материјал преку модемот, кодиран со помош безбедни алгоритми, и тоа директно до мојот шеф во Вирџинија. Ми потврди прием на фајлот, па ми го потврди идентитет со отпечатоци од три прсти и слика од ирисот на окото. Откако се уверив во идентитетот на примачот, веднаш му го испратив клучот за декодирање. Можам да кажам, тој момент бев избезумен. Можеби требаше итно да се делува. Можеби требаше да се повика друг оперативец. Или конечно, некој од специјалните Марински единици за брза интервенција на копно. Нити смеев ниту можев јас самиот голорак да упаднам во оваа каша и да ја попречам една субверзивна активност и да оставам живи сведоци. Можеби требаше итно да се неутрализираат сторителите. Но јас, како специјален агент немав, практично, ингеренции за ништо освен поставувањето на вештачките очи од небото и вештачките уши во ѕидовите и испраќање на снимките! Ужас!  Пред моите очи можеше да се случи тешка трагедија, да го успијат ова симпатично недолжно куче. Станував, седнував, па се штурев и се пустев, па се вртев како вртелешка во тесниот простор на жолтото комбе. Застанав и повторно се загледав во долната лева четвртина од мониторот што доаѓаше од камерата број три.                       "Готово е ова чудово. Веќе дреме", заклучи младиот ветеринар, откако фрли еден брз скенирачки поглед кон кафезот во којшто кучето веќе заспиваше и веќе по малку и хрчеше.
          "Еве вака, млад колега! Само да ве потсетам на процедурата. Записникот за егзекутираното куче  се става во оваа преграда", изговори ветеринарката со горечки шарм каков што вирее во главата на една самоумислена фам-фатал.  Таа притоа нежно го устреми показалецот со долгиот нокт премачкан со зелен лак во правец на полицата со списите.
          "Разбрав, разбрав. Документот оди во преградата на која пишува Министер Коста”, одговорно возврати момчето во белиот мантил. "Верувам дека се работи за Министерот за фауна на Р.М?", се заинтересира младичот.
            "Да таму. Внимавајте ниту еден записник да не се изгуби, зашто Коста, како раководител на проектот Ав-ав, строго исплаќа по егзекуција. А егзекуцијата се документира со записник и со фотографии. Значи, колку повеќе вакви шугави чудовишта заспиени во најдлабок сон, толку повеќе пари на нашата сметка". Додека ова го говореше, ветеринарката се движеше низ ординацијата како некоја маникенка на модна писта. На крајот на својата патека таа застана на непристојно мала близина во моментот кога младичот стануваше од столчето. Тогаш погледите им се сретнаа и останаа така неколку секунди.          

                "Супер! А кога, рековте дека Министерот за фауна ќе ни ги префрли хонорарите на трансакциска сметка?", проговори младиот ветеринар со радосен глас заради престојната трансакција, притоа соборувајќи го погледот од непријатност.
              "Значи запамети! Мораме да спремиме уредна докумнтација со две фотографии. Едната пред, а другата по егзекуцијата на песот. Потребен е доказ дека кучето постоело, дека било неизлечиво болно и дека било уредно заспиено со летална доза од анастезијата. Конташ?", изговори ветеринарката со кокетна строгост во гласот.
                "И уште нешто. Кога си тука на мој терен, заборави дека си му прв братучед на бодигардот на Премиерот. Запамти само едно, работиме на проект финансиран од американците. Работата е многу деликатна зашто самата амбасадорка е надзорен орган. Еве, да те потсетам само дека проектот предвидува три работи што треба ние да ги правиме во овој азил. Прво да ги стерилизираме здравите кучиња-скитници и да ги враќаме во нивниот хабитат на улиците. Второ, треба да ги лекуваме болните што имаат излечиви болести, а потоа да ги стерилизираме. И конечно, трето и за нас финансиски и временски најисплатливо, оние кучиња што се болни од неизлечиви болести, како овој жолтиов што го донесоа вчера, треба да ги успиеме. За нас најелегантниот начин е успивањето, иако додуше, стерилизацијата, исто така, добро се плаќа. Но, кој ќе ти се валка со кучешка крв за бадијала, кога може и вака, елегантно да се спечали. Запомни малечок, ако амбасадорката не е задоволна од напредокот на проектот, тогаш таа на Министерот за фауна може моментално да му го сторнира приливот на средствата. Што е најстрашно од сѐ, според договорот што Министерот Коста го потпишал, таа може да побара целосно рефундирање на донацијата".         

       Според моите видувања, како од искусен обавештаец кој постепено се стекна и со вештини на психолошки профилирач,  ветеринарката ги изговараше сите зборови како да нема трошка грижа на совест, без жалење ниту пак свесност за одговорноста заради стравотниот начин на одземање кучешки животи, и тоа без никаква причина. Таа беше екстремно негативна личност којашто јас ја сместувам на најниското степениште на човечкиот морал. Таа беше ладнокрвен убиец со умисла. Нејсе, нејзината нападна кокетност од момент во момент растеше како што растеше помрачината и очајот во очите на заробеното куче.       
         И повторно, кучето како да се подосвести малку, па од позиција на полуумртвеност, се помачи да стане. Тегобно се исправи на четирите, па се придвижи со забавено движење како на слоумоушн. Многу ме изненади тоа што во седирана состојба одненадеж му успеа да се исправи на две нозе и со последната клетка на свест којашто се заштитила да остане неопијанета во неговиот мозок, да им се обрати на ветеринарите:
                "Вакциниран сум, ви велам! А имам и микрочип под крзното на вратот. Само пари и секс ви се во тие неморални глави што ги носите на рамената".
                За жал, ветеринарите не го ни забележаа овој попуст обид на кучето. А тоа, пак, откако увиде дека никој не го есапи за живо, кучето се струполи како кралот губитник  на шаховска табла после шах-мат, па веднаш заспа со хрчење. Јазикот овој пат му се спружи настрана, и тоа скоро доземи.       

         Не сфатив кога попрво ветеринарот и ветеринарката излегоа низ вратата, бакнувајќи се попатно во лет, патем оставајќи го кучето само во видното поле на камерата број три. Додека се движеа низ ходникот, овие ненадејни страствени љубовници ги улови камерата два. Видов како се лигават и веќе се раскопчуваат за да се ослободат од облеките. Потоа влегоа во просторијата во каја ми беше прописно поставена четворката. Обајцата, како божем залепени со супер-лепак, се бувнаа во една волуминозна фотеља. Четворката јасно ги снимаше под агол под кој точно можеше да се види какви интимни контакти се случуваат помеѓу нив. Веќе беа полуголи. Понатамошното соблекување го раководеше  ветеринарката, како сопственото, така и неговото. Си помислив дека би бил добар мајстор камерман за порно индустријата и дека би имал заработено милиони долари. А всушност бев само маестро за неовластен видео-надзор. Еднаш ЦИА ме имаше наградено со медал заради квалитетот на набљудувањата што ги овозможив од кабинетот на  министерот за одбрана на Пакистан и за информациите што произлегоа од една секс партија во тој простор. За потребите на тој проект, од страв да не ме фатат и да не ми летне главата, морав со невидена брзина да поставам само една единствена камера со која истовремено јасно се гледаа и мониторот на лаптопот и тастатурата и каучот во кабинетот на министерот. Покрај пасвордите во тајната мрежа на пакистанското воено разузнавање ние можевме да ги видиме и сексуалните перверзии што се случува на диванот. Колку генерали излегоа од тој кабинет разгаќени, и какви сѐ тајни изговорија притоа, не смеам да ви оддавам. Нејсе, јас со помош на својата професија се имам изнагледано еден тон порничи во директен пренос кои ги нема никаде да се гледаат комерцијално. Исто како на пип-шоу, буквално само еднаш и само за моите очи. Цела среќа е што мене не ме пали гледањето на тугиот секс и слушање на нечии воздишки. Јас единствено уживав и сѐ уште уживам само во сопствените сексуални искуства. Доколку не бев таков, кај ќе ми беше крајот во оваа сензитивна служба во која имам чести обсервации на туѓата срамна интима.          
            "Имаме половина час! Нека заспие поцврсто, па ќе го средиме на раат", изговори задишаната ветеринарка.
               Само накратко го кренав шишето за да се напијам вода, и кога го спуштив, наредниот момент ја најдов госпожата ветеринарка веќе вплеткана во интензивни блиски контакти со младиот ветеринар. Јас и натаму останав рамнодушен на овој развратен призор. Додека овие двајцава се гмечеа со младечка жестина, забележав дека на делот од мониторот на камерата три, т.е. портокаловиот индикатор ми означи движење или активност. Кучето тој час по трет пат се расвести, но овој пат само накратко.                       

            "Проклети да сте, инквизитори гнасни! Платеници на убиства на кучиња! Исти сте како Дебармаалскиот убиец, оној којшто со секира пред голем број очевидци го обезглави кучето Идриз, и тоа на спиење. Никаква разлика нема помеѓу вас и тој безмилосен егзекутор, Рипски".  Штом ги изговори овие зборови, кучето западна во седација, и како во летаргичен полусон продолжи нешто да си блада за себе. Камерата три веќе не покажуваше, практично, никаква активност. Портокаловиот трепкач на таа четвртина од мониторот се угасна, што значеше дека подолго од 10 секунди немало никакво движење на објектите во видното поле на кучето.  
    Се навратив на делот од мониторот со сликата од камерата број четири, за која индексот за активност интензивно трепкаше, што сугерираше на брзи промени на положбата на субјектите што се под надзор. И навистина, субјектите дивееја.  Во меѓувреме од фотељата се беа преселиле на едно работно биро од кое паѓаа хартии, предмети и разни канцелариски материјали. Потоа, за неколку секунди љубовниците за час ја беа смениле позата во момените додека ѕирнував кон видеосигналот од  кај кучето. Трошка се помамив, па го вклучив и звукот од микрофонот број четири, зашто индикаторот на звук ми покажуваше дека во сигналот има говор. Така започав и да си го слушам порничот. Да бидам искрен, сладостраста од глетката ме огладне, па си земав и едно кесенце чипс со вкус на оцет. Си отворив една ладна Кока-кола за да се разладам од спарината што го освои просторот во жолтото комбе после силниот дожд. По некое време се соблеков по гаќи. Замислете, од преголема посветеност на надзорот на субјектот имав заборавено да го вклучам бесшумниот разладен уред на Пиезо-кристал и една перка што ротира со рандом-варијабилна фреквенција од еден до десет херци, кој можеше барем делумно да ми го разлади просторот околу главата и да ја кондензира влагата после дождот. Го вклучив, но сепак не беше доволно моќен за да ме олади. Значи,  сѐ уште умирав од жештина. Додуше, ова не беше ништо во споредба со горештината што ја изедов на една мисија на ЦИА во Авганистан, кога поминав повеќе од 24 часа во нашето специјално возило кое не смееше да произведува никаков звук. Тогаш, со помош на микрофонот опремен со просторен усмерувач на звучни сигнали ги ловев вибрациите на стаклата предизвикани од човечки говор од непосредна близина на Руската амбасада. Пакетите со звучните записи и другите податоци од тој надзор оттаму директно се испраќаа до нашата амбасада во Пакистан во кодирани импулси преку сателитска врска, но за ова немам слобода да ви дадам никакви детали. Овие класифицирани документи сѐ уште ја носат ознака на специјална тајност.   За наша среќа, Анонимуси сѐ уште ги немаат декриптирано, иако имале направено многукратни обиди да ја разоткријат и да ја експонираат оваа наша последна комуникациска технологија на која вредно работев пред да заминам на оваа мисија.  
......... продолжува....-------------------------------------------------------------------------

ЗАБЕЛЕШКА: Сите настани и личности во овој роман се фиктивни.                
Доколку постојат  некакви сличности со некој реален настан или постоечки лик, верувајте ми на зборот, тие се комплетно случајни. Веројатно сум била само несвесно инспирирана од нечие битисување.Од Авторот


Saturday, August 12, 2017

ЛОВ НА МЕТЕОРСКИОТ ДОЖДЕЦ ВО 4 СЛИКИ

На 12.08.2017 во 23 часот се очекуваше на небото над Македонија да се види јасно метероскиот дожд од Персеидите. Нашата љубопитност немаше граници. Овој редок астрономски феномен ми создаваше радост и милозливост во душата. Инаку, јас не љубам да гледам огномети што ги приредуваат богаташите за роденденски забави, но со восхит ги гледам светлините од Вселената што доаѓаат од различни еони на нејзината долга историја.
СЛИКА ЕДЕН
Со двете мои малолетни деца (12,12) отидовме на Мечкин Камен за да се изолираме од светлините на цивилизацијата. Стигнавме таму нешто пред 22 часот. Навидум бевме сосем сами. Со една LED светилка скенирав околу нас за да бидеме безбедни, и на кусо време погледнував во небото за да видам како "паѓаат ѕвезди", но не видовме ниту една. Но затоа, уште во првите 2 минути од нашиот престој, од местото каде што дење седи публиката за да гледа полетување на параглајдеристите, ми се врати одблесок на интензивна светлина што потсеќа на две очи. Поминав со ламбата назад и повторно ги видов двете очи како фарови, овој пат како блештат од поблизу. Вреснав "Волк! Влегувај во кола". И во паничен страв се засолнивме во колата. Се заклучавме и ги кренавме прозорите, Едвам се соземавме од стравот заради сознанието дека ова животно дрско не демнеше, ни се приближуваше и секако немаше добри намери со нас.
СЛИКА ДВА
Со автомобилот тргнавме кон самоит Мечкин Камен за да направиме круг и да си бегаме назад кон Гумиње. Попатно осветлувавме со светлото за да видиме каде отидоа двете алчни и сртвни очишта, небаре излезени од некој хорор филм за вампири и врколалци. Тогаш светлото од LED-ламбата убаво ни го покажа волкот на растојание од 20-тина метри како со спокојни чекори си заминува, додека ние се тресеме минувајќи по патот крај коријата. Беше тоа крупен и силен волк, со високи нозе и раскошна опашка. Неговите движења ни кажуваа дека тој е царот на ова мрачно царство и дека оваа територија ноќе му припаѓа само нему.
СЛИКА ТРИ
Кога повторно поминавме на истото место каде што наместо очекуваните метеори за првпат ни молснаа волчешките гладни очи, наново осветливме странично кон шумата. Овој пат, види чудо, крупниот волк веќе го немаше, но на другиот крај од дрвеното амфитеатарче имаше една мала златна и ушлеста лисица со куси ноџиња, наострени ушиња и раскошна опашка. Кога не виде, таа во паничен страв пребегна во длабочините на коријата.
СЛИКА ЧЕТИРИ
Додека минувавме крај Хотел Монтана, им се јавивме кај нашите пријатели Билјана и Зоран за да им поднесеме извештај за нашите набљудувања на "метеорскиот дожд". Тие не поканија кај нив во куќа. Светлинското загадување од Крушево беше силно, па бројот на видливите небески тела беше значително помал отколку на Мечки Камен. Но сепак, за околу половина час видовме 4-5 метеори, т.е. опашлести ѕвезди што паѓаат и се гасат за миг. Единствено што ми е криво, заборав тој миг да си замислам желба што ќе ја испратам до мистичната Вселена за да ми ја услиша.
Овие метерори се всушност делчињата од кометата Свифт-Тутл (Comet Swift-Tuttle) кои согоруваат додека се пресретнуваат со Земјата и нејзините сфери. Ваквите вселенски созданија живеат како еден импулс, чинам како Диракова функција во времето: ги нема, ги има со огромен интензитет и сјај, па веднаш потоа ги снемува за навек. Празник за очи и пригодна метафора за минливоста на животот.

Напомена: Сите слики се преземени од интернет. Ги одбрав за најмногу да прилегаат на сликите со кои навистина се сретнавме при ловот на метеорскиот дожд.