Friday, October 6, 2017

Итна ревизија на истрагата на местото на настанот, нова форензичка анализа на доказите и сериозна реконструкција на настанот на Смилковско езеро!!!


Од она што сум го видела во медиумите за најцрната криминалистичка дамка на РМ - Црниот Велики Четврток (12 април 2012), на Смилковското Езеро , од сето што сум го прочитала од записниците од мониторингот што го води Хелсиншкиот комитет, од долгометражните разговори со адвокатот Насер Рауфи и блискиот роднина на двајца обвинети, Бедри Ајдари, дури и без да направам детална истрага на постоечките докази можам единствено да залкучам дека Врховниот суд треба да го врати предметот на повторно судење, а притоа да побара независни експерти (вешти лица) да спроведат итна ревизија на истрагата на местото на настанот, нова форензичка анализа на доказите што се во депото на МВР (посебно на автомобилот Опел-Омега) и сериозна реконструкција на овој сериозен настан при кој имаше петократен смртен исход, и залепена етикета ТЕТОРИЗАМ.
Врховниот суд мора да го врати предметот на повторно судење со укажување на пропустите во истрагата ако сакаме да воспоставиме правда во ова бесправно дувло - Македонија. 

Само гледајќи ја сликата на инкриминираната Опел Омега која излезе во медиумите јас ги смислив прашањата врзани со неа, а на кои мора да се даде еднозначен одговор:




1. Колкаво количество ДНК од еден од обвинетите било најдено од едниот од потпирачите за глава на Опел Омега? И кој е другиот состав на брисот од тоа место? Дали има пот и себум, или е плукна?
Еве зошто ве прашувам: Од секој од нас теоретски може да се земе дури и само една молекула ДНК за да потоа се размножи на илјадници во текот на 24 часа. Да не објаснувам дека при пиење од чаша/филџан од кафиќ се оставаат изобилство ДНК молекули. Оваа една молекула може да се реплицира (размножи)  во многу молекули со постапката PCR (полимераза верижна реакција) која во РМ ја имаат повеќе лаборатории. Потоа размножената ДНК може лесно и да се подметнува наваму-натаму за да се намести човек во кривично дело по желба. Ако немало пот/себум заедно со ДНК-та, тогаш е сомнително. Ако немало хемиски траги од плунка, туку е чиста ДНК во изобилство, тогаш и тоа е сомнително.

2. На сликата на Омегата убаво се гледаат млазови од кал по шасијата што потекнува од тркала што биле во каллива почва. Можеби е веќе направено, јас не знам. Сепак сметам дека таа кал треба да соодветствува по состав на почвата, точно од местото на несреќната погибел на петорицата - Смилковското езеро.

3. На ветробранското стакло има висулка закачена со вакуумска лепенка. Овие пред да се залепат обично се лижат. Чија ДНК е заробена помеѓу шофершајбната и вакуумската закачалка? Имаме ли профил?

4. Бидејќи наводно не се најдени отпечатоци од прсти, тогаш треба да се уловат повеќе локации со ДНК. Дали е побарано да се подигне ДНК од кај резервоарот за бензин (капачето), бидејќи можеби полнеле бензин ден претходно па биле немарни и оставиле некоја своја трага за да ги идентификуваме? Истото може да се каже и за регистарските таблички. Можеби биле сменувани денови претходно, со голи раце, па може да ги има по опачината од таблицата која, да претпоставиме подоцна била пребришана. 

5. Дали обвинителство направило обид да добие фотографија од сателитот на Google за местото на Смилковскиот масакар и локацијата на Опелот-Омега. Постои можност да се најдат некои траги. Ако ништо друго, ќе се најде дали опелот бил таму и пред тоа? Досега со сателитот на Гугл биле случајно откриени неколку убиства  како, на пример,  во Холандија.
http://www.dailymail.co.uk/news/article-2308503/Caught-red-handed-Google-Earth-Has-satellite-image-captured-crime-taking-place-Holland.html

6. Дали некој се обиде да направи анализа на телекомуникациите на оние политичари за кои се шпекулира дека се инволвирани во убиството? Ако се следи сообраќајот на оние за кои постои допрен глас со шекулации, тогаш ОЈО требало до сега да истражи од кого и од каде се слевале мобилни повиците во моментот на убиството и во критичните денови, пред и потоа. Дали имаат шортлистинг на сомнителни комуникации, зашто нарачателот секако требало во моментот кога била "завршена работата" да добие позив од сомнителен број кој ќе му соопшти дека "Работата е завршена". Имаме ли такви повици до нарачателот за кој се шират шпекулации што звучат доста разумно, познавајќи ги сите негови семејни околности?


Овде ќе застанам. Еден ден се надевам дека ќе проговорат сите други докази, ќе се разнишаат евентуалните лажни заштитени сведоци, и ќе се ослободат евентуално невините а ќе се најдат сторителите и ќе се осудат на СМРТ (знам, знам, немаме смртна казна, но за овој тип кривични дела, убиства на деца и местење на невини луѓе, мислам дека треба да ја вратат назад). Конечно, не велам дека овие не се убијците, велам само дека тоа треба да се докаже низ научно базирани форензички докази.  

ЗА ДА БИДАТ ОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ ПРИТВОРЕНИТЕ "МОНСТРУМИ" ТРЕБА НЕДВОЈБЕНО ДА СЕ ПОВРЗАТ СО ДЕЛОТО И СО МЕСТОТО НА НАСТАНОТ. ЗГОРА НА СЕ, ТРЕБА ДА ИМ СЕ НАЈДЕ И МОТИВОТ. ПОВЕЛЕТЕ, ДОКАЖЕТЕ ЗА ДА И НАС  ГРАЃАНИТЕ ВО УЛОГА НА ПОРОТНИЦИ НЕ УБЕДИТЕ ВО НИВНАТА ВИНА!!!