Wednesday, December 6, 2017

Македонија, Содома, Гомора и околните населени места со фрапантен степен на неморал


Неморалот што расцветал и земал невиден залет, та се размножува како епидемична вирусна болест меѓу народот ми ја роди асоцијацијата на Содома и Гомора. Чеастопати злото на алчност извитопереност и инверзија на моралните стандади (немораното е станато морално) стигна дотаму што маса народ протестира за да се ослободат озлогалсените криминалци чии злодела за огромната извитоперена толпа не претставуваат ништо лошо туку се акт на патриотизам. Ако човек краде, лаже, зема туѓ имот, вади од устата на гладниот, му го одзема лекот на болниот, го убива различниот и гласно се кочопери дека тоа го прави за татковината, тогаш не смее да се амнестира, та  да се воздигне како бранител-витез на некое апстрактно добро, туку треба строго и драконски да се казни.
Асоцијацијата со Содома и Гомора, два соседни градови во Канаан, не е воопшто наивна, како што не е наивна ни мојата загриженост дека нашава содомизирана Македонија нема лесно да се справи со царувањето на наопакиот морал на мнозинството. Содома и Гомора се митови што ги раскажале пророците од Стариот завет на Библијата, а се спомнуваат и во Коранот, а и во некои други книги што го обработуваат животот на Мухамед по неговата смрт. Еве ја приказната за тоа што се случувало со двата неморални градови-кралства и нивните блудни и забегани жители. 

Како Господ се ценкал со Аврам

Еден ден Господ се припојавил кај Аврама и му се доверил дека има ниет да ги уништи двата града, Содома и Гомора зашто покажуваат толку лоша неморална статистика што во нив по бројност силно надвладеало мнозинството  од грешниците над малкумината праведни. Му навестил дека во таков случај нема друго решение, туку тотална екстинкција со мала попатна колатерална штета.  Аврам се спротиставувал, та го молел и го кумел Бога да не го презема уништувањето. Господ му се сожалил и се сложил да се откаже од таквата постапка на прочистување на човековиот род само доколку Аврам успее да обезбеди доказ дека во неговата родна Содома живеат барем 50 праведни и чесни луѓе. Откако Аврам се свестил дека бројот 50 е енормно голем во однос на тековната состојба и дека тешко ќе го обезбеди, тој побарал попуст на квотата. Тогаш Господ му наредил да наброи 45, за да се откаже од палењето до пепел и сол. Овој молел за помалку, и се така, продолжиле да се ценкаат, се' додека не стигнале до бројот 10. Тогаш Господ и Аврам си дале рака за 10 праведници, за кои Аврам ќе обезбеди доказ. Во шпијунажа Господ испратил 2-3 ангела кои долетале во Содома и се престориле во мажи. Тропнале на врата кај тамошниот граѓанин Лот и кај неговото семејство, а тој љубезно им понудил засолниште и закуска. Пред да си легнат за да преноќат, околу куќата на Лот настанала опсада. Мажи од сите возрасти, и постари и средновечни и млади тропале на портите и од Лот барале да им ги предаде тројцата странци-мажи за кои добиле информација дека влегле во неговиот дом, за да можат хомосексуално да ги искористат. Лот тогаш излегол да преговара со нив и ги убедувал дека им е подобро да ги земат неговите ќерки-девици за таа намена, отколку овие гости-мажи. Тогаш толпата смртно се налутила и започнала да ја вандализира камената ограда во домот на Лот. Тогаш тројцата гости повторно се сториле ангели, па на Лот и на неговото семејство им го покажале патот што води надвор од ѕидините на Содома. Им рекле да не се вртат назад, туку само да гледаат напред и да бегаат што подалеку од тоа проколнато место. Истовремено, ангелите на Господ му го поднеле извештајот, дека во градот не постојат најмалку 10 праведни и чесни жители и дека работата е зрела за интервенција од небо.

Истрабување на Содо-Гомората

И наеднаш, од небото се спуштиле огнени јазици кои воопшто не прилегале на познатите сцени на излевање вулканска лава, туку токму небески пеколни пламени форми што доаѓаат од многу високо, та палат и жарат та стопуваат се што ќе допрат. И биднала казната за злото што доминирало над доброто. Патем, спасени биле само тројца,  праведниот Лот и неговите две ќерки, и толку. Додека бегале, жената на Лот, загрижена за минатото, имотот или некоја нејзина скришна љубов, се завтела наназад. Наместо да бега и бара спас од пеколот што го навјасал во тој проколнат град, неа ја обземал жал за нешто што останало таму да гори. Веројатно била и таа грешна, па за казна била претворена во сол. 


Истребувањето на неморалот во Македонија

Секојдневно наново се фрапирам и чувствувам дека бројот на праведните во Македонија во моите очи е се' помал и помал. Алчноста, грабежливоста, неемпатичноста со ближниот, болниот и сиромавиот, катаден се пројавува низ нови и нови ликови, демонски форми и квазичовечки пројавленија. Дали останаа 50 или се бројат помалку, се прашувам? Ако дојде Бог и ме најде дома седната та замислена, и ме одбере мене за преговори "за" или "против" паљбата на грешното Скопје и околината од небесниот свод, јас не знам дали ќе успеам да си ја спасам земјава. Рака на срце, јас не верувам дека ќе успеам да му составам спосок од 50 скромни и честити човеци кои се задоволни со малку, кои се внимателни кон околината, луѓе се со висок морал и чест и неизвитоперена душа.  Затоа, се откажувам од преговарачката маса во Клубот на Пратениците, и оставам на тој заедничкиот Бог-Алах под итно да ни заврне еден поинтензивен метеорски дожд од Геминидите во декември, та во лутината да замавне по нас со покрупни огнени комади. Од мене Господ ќе има "амин" слободно да потпали секаков доминантен неморал за да го истреби таквиот ген. Знам, ќе отидат фира и колатерална штета една шака чесни луѓе, но сето тоа е во служба на прочистувањето со помош на небески геноцид, зашто оваа Содома, оваа смрдена волко-онадувалница треба да ја НЕМА. 

50 чесни??? Нема шансони, Боже мој пресветли.   

(Дозволено е целосно преземање на оваа колумна со децидно цитирање на изворот на следниов начин: Колумната е земена од Блогот на Мимоза Ристова - кликни тука) 

Saturday, December 2, 2017

ОПСЕСИЈА БР. 1

Насловот на приказнава можеби звучи прилично бенигно за оние коишто не биле жртва на нечија болна опсесија. Оние што искусиле, веднаш ќе знаат да ја измерат тежината на овој наслов. Опсесијата знае да биде многу страшна социјална девијација и да се постави како граничен феномен на опасна психопатологија. Опсесијата знае да се стори сериозна болештина која може да предизвика страв за животот на жртвата којашто недолжно западнала во канџите на опседнатиот створ.  


Во мојот живот минав половина век и кусур меѓу најразличен видови човечки единки и секакви ентитети. Не знам за останатите, но јас неколкупати имав блиски средби со психопати кои се имаа опседнато со мене, практично непредизвикани со ништо од моја страна. Се опседнуваа просто со моето биолошко постоење. Ги дразнеше мојот живот, моето присуство на овоземските четири димензии. Просто е за неверување фактот дека ништо не зависи од вас во  процесот на проклетата фиксација на психопатот што ве демне и како сенка го следи вашето кревко тело. Во мојов половина век ја имав таа невидена "среќа" да бидам интензивно демнета од неколку опседнати психопати.

Кога бев млада тоа ме вознемируваше и ме изместуваше од рамнотежа како некоја паранормална активност. Како одминуваа годините и како се нанижаа профилите од моите лични психопати, сериозно обземени со тежината на опсесивните пориви, јас перманентно отрпнував. Додуше, последниов мој личен психопат сеуште не е ставен под контрола. Се некако чинам дека серијата од моите кратки раскази може да го освестат и да го одвратат од неговата попуста зла намера да ме следи, демне, тормози и мрази без основана причина до крајот на животот. 

Правта личност која пред 23 години се имаше опседнато со мене беше една Сузе, сестра на моја пријателка, за што ќе ви раскажам редум. Токму во тој страшен зимски период на опсесијата на непознатиот ентитет, само што ќе се приберев дома и ќе запалев светло во мојот стан, ќе ми заѕвонеше фиксниот телефон (тоа време имав само таков). Притоа јавувачот си молчеше и ме слушаше како губам нерви при секое негово/нејзино јавување. Јас го прашував непознатиот јавувач што сака од мене, и зошто ме вознемирува, но никаков вокален одговор не добивав за возврат. Еден ден се сетив да го прашам мојот личен манијак дали сака да ми одговара со помош на тропкање на слушалката, и тоа едно тропкање за ДА, а две тропкања за НЕ. На манијакот изгледа му се допадна предлогот за воспоставување на двонасочна комуникација, па фати да ми тропка во знак на соодветен одговор на секое мое прашање. Од селективните да/не одговори разбрав дека умоболникот ме гледа со дурбин, зашто живее во некоја од зградите наспроти мојата, и оти од прозор го гледа палењето на светлото кога ќе си дојдам дома. Се распаметив, го угаснав светлото и веднаш отидов во полиција. Цајканите ме упатија со пријавата да одам во пошта за да ми постават уред кој се нарекуваше  "ловец" за да ги евидентираат сите дојдовни повици. Потоа, со споредба на моите временски записи за манијачките повици, еднозначно се доби бројот од кој извираше манијакалното звонење. Излезе дека инкриминирачкиот број е од родителите на мојата блиска пријателка. Таа моја пријателка имаше сестра, една чудна девојка, Сузе. Таа млада личност ништо не студираше и по цел ден спиеше во својата соба која некако беше на опсесивно-компулсивен начин целата облепена со постери од Цеца и Аркан.  Знаев дека е таа манијакот. Веднаш по добивањето на извештајот јас заминав кај родителите на девојките со непобитниот доказ - списокот од умоболничките јавувања, со надеж дека ќе ги уверам во сериозноста на случувањата. Сузе беше излезена, па од родителите на Сузе побарав да преземат превентивна мерка на лекување на девојката. Им реков дека вознемирувањето е сериозно, дека полицијата знае за ова и дека треба најитно да интервенираат. Наместо извинување, и утеха, јас од тие луѓе добив одговор дека "то није могуќе", и да "изаѓем из њихове честите куќе, да ми не назову милицију." За вистинско чудо, после мојата навидум неуспешна интервенција, манијачките повици сосем стивнаа. 

Половина година подоцна ја сретнав таа Сузе целата изнашминкана со силно зелена сенка околу очите и невнимателно нанесен бордо кармин на усните, како со мајка си стои во енормно долгата редица во Комерцијална банка во населбата Аеродром. Штом ме здогледа, таа на сет глас ме ослови по име, па пред бројната публика од клиенти и вработени на банката искажа нешто во стилот дека сум имала многу убава уста и дека многу сакала да ме "пољуби во уста". Ни крива ни должна, го напуштив редот без да си земам чекови, па како мува без глава, со свенат поглед и посрамена заминав низ излезната врата, со надеж дека никој од овие сведоци не ме познава.  

* * *

Наскоро ќе следува Опасна опсесија Бр. 2.