Saturday, April 21, 2018

ОПСЕСИЈА БР. 2 - WII-FМ -Азербеjџан

Лисабон

Лисабон 2015. Работилница на Меѓународната Атомска Агенција на тема "Радијациона безбедност - обучи ги обучувачите".  Не испоседнаа на клупи поредени во буквата - П.  Тука бевме претставниците од академска заедница или од надлежните владини тела кои имаат некаква релација со радиоактивност и заштита од зрачење, и тоа од сите можни чурук-земји од газерот на Европа, вклучително и оние од екс-Руската федерација. Накратко речено, стручни луѓе но и случајно заскитани поединци од  државите со посебни потреби. Веројатно ИАЕА има задача да држи будно око на ваквите како нас заради зачувување на мирот во светот.
И седнав на едниот огранок од буквата П од кириличното писмо, точно таму кадешто си го најдов напишано сопственото име и името на Македонија. Почнав да ги слушам работите што веќе ги имам не само слушано, туку ги имам и предавано. Но, сепак сметав дека е добро да слушам со внимание, небаре ќе купам некаква нова мудрост.  Најпрво предаваше една Британка, да речеме дека се викаше Хелен. Каков и да е, од каде и да е, за мене секој предавач на овој свет е ресурс со некој квантум на знаење којшто јас го немам. Затоа, секогаш и секаде,  секој предвач се обидувам да го следам со најголемо внимание, а со попатно запишување на клучните впечатливи фрази. Ете, со задоволство го следев предавањето на професорката по психологија, Хелен, и од неа научив за една британската мудрост наречена "What's in it for me"? Или скратено WII-FM, што асоцира на некоја радио-станица. Со примена на пристапот WII-FM требало да можеме да постигнеме некаква брза и ефикасна промена во човечкото окружување. Со оваа техника требало да го постигнеме ефектот Вин-Вин, што остава впечаток дека секој од просторијата на настанот нешто ќарил, и никој ништо не изгубил. Значи, сѐ мора да може некако да се доведе во каузална врска со некој личен интерес  за да добие успешна завршница. Искрено, многу ми се допадна мудроста WII-FM, па почнав на нотесот да запишувам белешки и графички да го исцртувам концептот. Да ви појаснам, Хелен го поврза концептот WII-FM со нашите потенцијални предавања на обуките што ние треба да ги држиме од областа на радијационата безбедност, а притоа нашите слушатели да не умрат од досада. Имено, за да сме биле што поуспешни обучувачи требало постојано да го штелуваме внатрешниот радио-приемник на сите можни радиостаници од аудиториумот во салата за конференција, па да се ставаме во положение на сите тие предаватели, сѐ со цел во етерот да лиферуваме содржини од кои секој слушател ќе извлече нешто за себе. Оваа трансакциона игра одамна веќе ја имав играно, само што не и го знаев името - WII-FM.
За жал немав блага претстава што сѐ може да се изроди од сето ова. Немав поим дека може преку WII-FM да се налепи некоја комплетна манијачина само заради обидот за примената на оваа совршена техника при говори или предавања, која бара синхрона емпатизација со мноштво слушатели. Како и да е, на работилницата секој од нас доби задача во рок од половина час да напише предавање на зададена тема. Секој од нас со влечење си доби ливче со еден клучен збор поврзан со темата "радијациона безбедност".
Мојата тема не беше сосем  јасна, но јас и Google се догоривме за неколку принципи и, на крајот тоа излезе сосем интересна тема. По кратката пауза започна сесијата со нашите презентации на неколкуте слајдови на пауер-поинт. Според некој случаен избор, излегуваа предавачите кои за 5 минути предаваа со напор за примена на новиот концепт на фреквентната модулација, WII-FM. Непосредно пред паузата, учителката Хелен ме скорна и мене да "одговарам на табла", бидејќи од купчето го извлече ливчето со мојата тема. Тогаш јас почнав да го штелувам радиото со публиката. Забележав дека постојат неколку души кои со интерес ме следат и почнав да го држам нивното внимание. Инаку, севкупното внимание во меѓувреме беше паднало поради досадноста на претходниот говорник и поради близината на пустата кафе-пауза. И, така зборував гласно и јасно, уфрлувајќи во наративот за радијацијата шеги на сметка на нашата држава. Да напомнам дека во годините на диктаторот Груевски не испуштав на ниту еден научен/стручен собир пред аудиториумот да претставам дека на нашата Македонија и се случи задоцет национализам и мизерен диктатор. Понатаму, во нарацијата уфрлив дека сме жртви на една смешна варијанта на диктаторот Милошевиќ, на што ушиќарив насмеани и озарени лица од екс-Југославија. Потоа во елаборирањето на причините за неписменотса на обичното население за темите за радиоактивноста уфрлив нешто од комичните случувањата после Чернобил, па некако го спомнав контекстуално и Путин. Целта ми беше целиот тој аудиторум, кој беше заскитал отаде некоја Недојдија во Лисабон,  да добие некој ќар за себе, макар и една мала гола насмевка. Говорев и шалтав со погледот низ очите на разноразните озарени ликови, додека тие ми климаа со главите во знак на одобрување, со што ми ја потврдуваа целосната наштелуваност на WII-FM фреквенциите и демонстрираа обострано добитна комбинација.

Азербеjџан

Штом сесијата заврши, јас и пријдов на нашата учителка - Хелен - која да ти била познат професор по психологија на Лондонскиот Универзитет, за да ја прашам нешто за историјата на концептот WII-FM, бидејќи содржините на кои налетав на интернетот го земаа поимот како здраво за готово. Како да немаше примарен извор или автор. Разменивме со британката 3-4 реченици, па јас си се придвижив кон излезот за да го најдам кафето. Кога, пред мене наеднаш ми се испречи еден црн маж. Беше променет како селски зет во темно демодирано штофено одделце и бела кошула, а во вратот беше заврзан со примитивна вратоврска. Мажот имаше силно растревожен поглед. Нервозниот ми се втури во физичкиот простор и ми ја узурпираше слободата на движењето. Едноставно ме блокираше во тесниот ходник од излезот, така што, и да сакав, немаше да можам да продолжам со патеката на намерата. Очите му беа прострелни и гледаа со поглед што го промашува фокусот, кој секако требаше да биде во рамнината на моето лице - како негов единствен соговорник. Се сетив дека со овој човек, всушност, немав воспоставено контакт со очи за време на мојата беседа. Дури, чинам, го немав видено ни каде седи на масата со форма на буквата-П. Дополнително ме обеспокојуваше тоа што од искричавите очи му се гледаат само црнките. Белките му беа сосем препокриени со стиснатите очни капаци кои се гужваа радијално, во силен грч. Чудна хемија излегуваше од него во надворешниот свет. Имаше и дополнителни силни белези - имаше чакмак веѓи - споени во една. Секоја од веѓите на средината беше прекршена во тап агол од кој нагоре цветаа бујни влакна. Нешто како пердувите што му штрчат над очите на бувот. Целиот налкуваше на некоја страшна прегладнета грабежлива птица. Имаше и масивни црни мустаќи, како цело црно јагне закачено под носот. Така намонтирани на надусниците, мустаките целосно му ја покрива устата. Се чинеше дека ваквиот моден аксесоар само му ја отежнува комуникација со светот, бидејќи со нив се губеше можноста за читање од усни. Наеднаш мрачниот тип ми проговори на својот прескромен англиски јазик со ептен слаба граматика. И покрај тоа, тој успеа совршено јасно и на егзактен начин да ми ја пренесе својата нездрава порака.
                "Јас тебе слушнав како збориш со Хелен против мене. Ти кажуваш лоши работи за мене и за Азербеjџан. Ти не смееше да ги кажуваш на Хелен тие лоши зборови за мене и за Азербеjџан. Јас тоа нема дозволам тебе". Апсолутно јасно и децидно човекот ми соопштуваше дека има намера да ме казни заради тоа, претпоставувам, според нивниот традиционален кодекс. Само не знаев дали умислил да ми извади око или ќе се задоволи само со екстракција на заб.

Останав некој момент занемена и со подзината уста. Сепак, се соземав и му одговорив дека тоа што го говори е страшна невистина и е на работ на тотално лудило. Му реков дека треба веднаш да ја расчистиме работата со самата Хелен, и се измолкнав од физичката блокада. Ја оттргнав Хелен со кафото в раце настрана од соговорниците и ѝ ја раскажав приказната за страшната шизофрена фиксација на еден од слушателите. Кај неа наидов на шокиран поглед, исто како и мојот предмалку. Жената со храбар чекор веднаш се упати кон бесниот Азербеjџанец, и ми даде знак да останам понастрана од нив, зашто беше психолог, и изгледа веднаш знаеше за што се работи. Се врати после неколку минути, убедувајќи ме дека сѐ е средено. Тогаш ѝ реков дека, ако е средено, тој треба да дојде и да ни се извини. Но таа како психолог веднаш беше проценила дека до такво нешто нема да дојде, но дека работите ќе бидат под контрола само ако се преместам. По паузата видов дека Азербеjчанецот си седна визави мене. Сконтав дека така седел уште пред инцидентот, па оттука и фиксацијата за мене. Сум му влетала во видното поле на лудиот простор, без да знам за последиците. И така, тој повторно си седна на местото на кое пишуваше Азербејџан, а јас веднаш си ги собрав парталите и заминав во аголот кадешто седеше Србија, само да не му ги полнам очите, и не го дразнам она клето манијачиште со мојата жива слика. Наредните денови си ги поминав во казненото ќошето на буквата П, останувајќи со понизок профил и под линијата на радарот на шизото од Азербејџан, и надвор од фреквентиот опсег на неговото расипано WII-FM радио. Сфатив дека некогаш комуникациските врски од предавател до приемник може да се расипат, а кодовите да се побркаат. Нит го имав забележано, нит имав намера да воспоставам било каква WII-FM релација со него, а сепак, несвесно направив силна интерференција, или поточно куршлус во релацијата со пустион умоболен тип од Азербејџан. Ова не беше Вин-Вин, ова беше Азербејџан ја тепа Македонија 11:0.

Скопје


Конечно, сфатив зошто луѓето се опседнуваат со јавните личност - па зашто ја имаат пред себе постојано нивната слика, како силна информација и дразба на сетилата, но имаат и искршени ликнови кои во комбинација со страшната опсесивна фиксација тие во главата на опсесивецот се претвораат во гласови коишто им говорат поинакви содржини, а за кои не постои втор сведок. Тогаш сфатив дека ваквите линкови требa целосно да се одбегнуваат во иднина. За жал, јас не успеав да го применам ова мое емпириско знаење. 

Веќе една година  подоцна налепив линк со нов манијак кој севезден да ти ме демнел насекаде. Ме демнел и дома (еден период нашол стан од спротива со поглед на мојот стан), ме демнел на фејсбук (од десетина лажни профили ме навредува и ми посакува смрт), на улица и во ресторани (ги кани моите најблиски пријатели на вечери и им говори дека треба од мене да се дистанцираат оти сум попаднала во лошо друштво и оти сум ги оговарала, каде ќе сум стигнела). Едноставно, болештината да ти ме демнела на секој мој чекор. Еднаш лудакот дури и ми напиша електронска пошта во име на некаква србикка Јелена, инаку, наводно докторка која работи во странство, а која е загрижена за мојот живот, бидејќи во некој ресторан во Женева слушнала како, демек некој човек, што инаку го опишува точно како мојот бивши, како го спомнува моето име и презиме и бара од соговорникот да му помогне да ме снема (демек слушнала дека се нарачува за мене платено убиство). Наскоро го најдовме идентитетот на манијакот во улогата на Јелена, сосем егзактно. Замислете, тој човек има име и презиме и адреса, професија, има и семејство. Тој, замислете постои во живо, и не е плод на моја фикција, фиксација или параноја. За тоа малигно суштество, здравје-Боже, ќе морам да напишам цел еден убав расказ, ако дотогаш не се реши да ми се одмазни заради "навредата на наговата личност и на неговата татковина - Азербејџан".         :-)