Sunday, August 9, 2015

Имињата што го носат кодот на природата

Кога станува збор за географски поими, сметам дека индијанците од Америка и абориџините од Австралија биле најблиску до идеалното именување на работите, животните, луѓето и нивните градби, зашто ги крстеле природно и декриптивно. Така, кај американские индијанци една иста и единствена река по должината на нејзиниот тек можела да има повеќе пикторескни индијански имиња: Мирна Ледена, па Дива Разгневена Жена, па Крива Зелена итн. Секоја различно номинирана секвенца го отсликувала карактерот или суштината на реката и ги давала во предание можните консеквенци.  На пример, делот што го нарекле Дива Разгневена Жена секако дека сугерира на природна опасност за населението од поплави. Како и да е, индијанците се познати по тоа што жевееле на начин што нивното битисување не оставало трага врз Земјината топка. Дури и не правеле ни гробови за починатите. Познати се и по тоа што своите деца ги крстеле според првите визии на старешината, во моментот кога ќе му било соопштено дека во племето се родило дете. Како и да е, секогаш постоела опасноста, бебето да добие име по некоја чудна глетка, визија или халуцинација на поглавицата. Во дивите времиња, уште пред да бидат геноцидирани од новодојдените, кај индијанците чести биле имињата Румена Зора, Снежно Бела Долина, Шепите на Којотот, Белите Нозе, Седнатиот Бик, Соколово Перо итн.  

Погреб на Су-индијанец (Siux) без гроб 
Кај нас, во последно време, заедно со владеењето на непринципиелната коалиција на ДПМНЕ-ДУИ завладеа противприродното именување. Природни простори, улиците и објектите започнаа да добиваат нови имиња на личности и "јунаци" со дискутабилна историска вредност за Република Македонија. Честопати се прикриваа веродостојни архивски материјали за насила да се прогласат некои сомнителни ликови за јунаци, а со нивните имиња да се испоганат некои улици кои носеле сосема природно или описно име. Инаку, до неодамна на овој простор нашите претци во поглед на географските имиња биле сосем слични на индијанците. И тие на географските поими им давале природни имиња што ја отсликуваат суштината на природата во таа точка. Дури и фолклорот ги давал клучните географско-климатски информации. Послушајте ја, конечно песната "Распукала Шар Планина" за да дознаете дека е познат феноменот таа планина низ стихија да однесе тројца офчари со девет стада. Само, за жал, некаде попатно, низ премрежијата на војните, кризите и глупавоста на лошите владетели, алчноста на нивните министри и директори, безќрбетноста и идијотизмот на нивните парламентарци и национализмот на локални прокуратори, се изгубила смислата на кодот за толкувањето. Се изгубиле заветот и старото кумство на претците за опстанокот на нивните поколенија. Некаде сме го изгубиле клучот на природата. 
Оваа улица енаш се нарекуваше "Железничка" поради железницата, а сега се нарекува "Јордан Мијалков"- според името на личност со дискутабилна историска вредност. 

 Замислете, претците ја нарекле острата млада планина Шара, зашто е шарена. А од што е шарена? Тривијално е: од снеговите што се топат напролет. И навистина, ако ја погледнете Шарпланина напролет во некој бистар проѕирен ден, ќе ги видите тие типични елегантни, вертикално избраздени црбо-бели шари. Црните се, секако од стопените снегови, но и од потоците што се создаваат секоја пролет за да снегот си го најде патот до поголемите врела и реки. Кодното име Шара, означува планина на која населението треба да живее во согласност со природниот дезен на рувото на тоа тлото, со тие шари од таа величествена природа. Кумовите на Шарпланина оставиле дека населението треба да се справува со снеговите зиме, а напролет да не ги попречува линиите на потоците и Речиците што се како духови: ту ги има, ту ги нема. Населението треба да се учи не само низ домашното воспитување, туку низ образовниот систем да им се поклонува на коритата не реките, поготово на оние што имаат тенденција да се запенат, пa низ дивоста и бесот (како оној на реката Пена”) да односат се пред себе кога ќе заврне летен дожд. Кодното име Поројнека го преведат и на Албански за да ги потсетува на стихијната суштина на овој предел. Сега веќе сум сосем убедена дека двојазичноста во имињата на географските поими со буквален превод станува неминовна, само и само да се запази заветот на претците за живеење во согласност со природата и нејзините неприкосновени физички закони. Конечно, и името Шипковица сигурно не е дадено заради некоја стриптизета-танчерка на шипка, туку поради некоја друга длабока природна суштина која треба да се декодира.


Шарпланина си создала "Речица", река-дух, што ја има па ја нема
(сликата е позајмена од порталот Бриф)

Конечно, животот во согласност со природата треба да произлезе од највисоката политика. И никако не ми е јасно како ние будалите гласачи, перпетуално власта им ја доверуваме на луѓе кои ги "краси" тотално незнаење (игнорантност) на природните закони, луѓе кои игнорирачки не го почитуваат знаењето на оние што го имаат. Замислете, дозволуваме природата да ни ја менаџира човек што сакаше Охридскиот брег да го попесочи со помош на парапетче!! Човек што сака да ја ожнее целата езерска трска за да нема каде да се мрестат рибите!!?? Конечно, време е да се освестат сите жители на РМ, дури и оние заблудените со партиските вработувања, дека владеењето на ДПМНЕ и ДУИ е погубно за нас, како интегрален дел од природата. Владеењето на овие мизерни и алчни нелуѓе е противпритоден блуд: ги сечат дрвата, ги пустошат шумите, ги сотираат градските зеленила, ја силуваат метрополата, ги стимулираат и толерираат тровачките индустрии, а со тоа ја пореметуваат климата. Тие избрани луѓе мижат пред зачепување на потоците и со тоа ги предизвикуваат поплавите. Тие лудаци целосно го игнорираат кодот на природата. Слободно можете да сметате дека не се тоа природните непогоди, туку тие, лично и персонално ни ги убиваат децата. Затоа, треба час поскоро да се стави точка на умоболното владеење на манијакално-компулсивни и екстремно самољубивите злосторници кои, очигледно  не си ги сакаат ни сопствените деца. А зошто би не сакале нас другите?
  
Запенувањето и лутината на реката Пена
(фотографијата е позајмена од порталот Flesh News)