Monday, May 23, 2016

Има ли лек за Македонскиот Стокхолм-синдром?

Народот е заглавен во Стокхолм-синдромот

Дали навистина постојат граѓани на РМ кои мислат со своја глава, кои не се во врвот на власта, а кои веруваат во добронамерноста и демократичноста на преродбата на Груевски како овие од ГДОМ? Има ли човечиња кои сеуште веруваат дека не е лошо да се живее во РМ? Ве уверувам дека ваквите граѓани сочинуваат многу многу мало малцинство во мојот непосреден круг, ама, сепак ги има. Не дека се глупави, не дека се неуки, туку некоја сериозна социо-патологија се случува во главите на овие луѓе. Гарант страдаат од некаква банална дијагноза, како, на пример, акутното слепило, привремена заглушеност и спорадичната некритичка затупавеност”.  Подоцна сфатив дека уствари луѓево имаат нарушувања во либидото па сакаат секојдневно некој сексуално да им го злоупотребува здравиот мозок? Замислете, тоа се луѓето што нит тендер јале нит тендер помирисале, нит работа ни сабота добиле, нит ИПА фондови со очи виделе, а ни со дневница не се мрселе, а сепак веруваат во успехот и економскиот раст за кој блада инсталацијата Груевски/Ставревски/Богов. Вербата во непостоечка добрина, демократија и благосостојба е психијатриска состојба позната како Стокхолм-синдром.  Таа болештина настапува кога заложникот или киднапираниот човек ќе се вљубат во сопствениот киднапер и тиранин.
Тие луѓе не беа воопшто лоши. Тие ми дадоа да јадам, ми дозволија да спијам и ме оставија жива” ( Заложничка од киднапираниот авион - Летот 847).


Од каде потекнува името на Стокхолм-синдромот?

Стокхолм синдромот го добил името според случајот на грабежот во една банка во Стокхолм во 1973 година, кога од страна на грабнувачите биле земени неколку заложници. На крајот од своето заложништво, т.е. шест дена подоцна, истите тие заложници одбивале да бидат спасувани од специјалците. Не сакале да излезат кога им било овозможено. Потоа, исто така, тие сите до еден одбиле да сведочат на суд против своите грабнивачи, a кулминацијата од нивното вљубување се случила кога решиле да покренат фонд за да им најмат добри адвокати на своите робовладетели. Според некои весници, едната од заложничките дури и се верила со сопствениот грабнувач, инаку осуден на затворска казна. Бидејќи ваквиот феномен се повторувал низ историјата, ваквото чудно неприродно и извитоперено садо-мазохистичко однесување било нарачено Стокхолм синдром.
Сцена од филмот "Night porter"
Стокхолм синдромот се јавува кога заробениот е во изолација, не може да побегне, и кога животот му е под закана. Сепак е неопходно грабнувачите да покажат некој ситен акт на љубезност.  Обично се потребни три до четири дена за да се случи ова чудно психолошко изместување.  Синдромот ја содржи во себе стратегијата на жртвата да го држи киднаперот задоволен само за да остане жив. Така жртвите нагло почнуваат опсесивно да се идентификуваат со тиранинот. Во нивните глави настанува драматична трансформација, па тие наеднаш почнуваат да ги обожуваат сите работи што ги сака, а да ги мразат сите работи што ги мрази нивниот киднапер.  На тој начин, влегувајќи во таа улога, жртвите почнуваат да чувствуваат емпатија, симпатија, па дури и љубов за сопствените мачители. 

Грујовштината во македонскиот Стокхолм-синдром

Заложничката драма во РМ настана уште во 2007-та година, кратко време откако се устоличи човекот со ниски професионални стандарди, морални квалитети, доскутабилен интелект, и проблематично ментално здравје (садистички киднапер). За да се прошири заразата од Стокхолм-синдромот потребно беше да се создаде атмосфера на изолираност. Параноидната теза на Хорхе, дека сите наоколу не мразат, та сите се против нас и дека сме предмет на белосветски заговор кој треба стоички да го издржиме, ја обезбеди таа самоизолација. Така граѓанинот се помири со судбината која "предодредила" да си останеме во прегратките на киднаперот.  Како важен предуслов беше и узурпираната слободата на говорот и падот на слободните медиуми. Таквата ситуација не доведе до затвореност како во една лименка од која немаме поглед кон надвор, но и тие однадвор не нѐ гледаат нас што сме заточени внатре. А внатре притисокот расте. Се чека моментот кога некој надворешен добротвор ќе се фати за отворачот. Тој Deus ex Machina, никако да посегне да ja подотвори лименката на нашиот децениски затвор.
            Како што рековме погоре, праксата од Стокхолм вели дека во случките со киднапирањата на жртвата и се потребни 3-4 дена за да се здуши со тиранинот. Кога се работи за колективна киндапировка на цел еден народ и држава, изгледа се потребни 3-4 години. Четири години заточеништво и постојани уцени, закана за голиот живот, и ти стануваш поматен во ак'лот. Четвртата година стануваш благодарен за секој залак сув леб наквасен со гола вода, што сам ќе си го заработиш! После четири години живот под хронична изолација и страв, човек се снижува дотаму што снисходливо почнува да го благословува својот ментален мачител за секој здив од воздухот што ќе го вдише. Тогаш човек почнува да биде благодарен и за тоа што не е убиен туку само е стегнат во менгемето на тоталитаризмот, и отфрлен на маргината на хуманото. Ова е многу сложена социјална и психопатолошка материја, која не е многу истражена. Чуден е човековиот ум. Способен е да се пренасочува во сосем непознати бихевиорални модови при појавата на екстремни услови и окружувања.

Лек за МК-Стокхолм

Кога подобро ќе размислите, ќе сфатите дека навистина не има начнато оваа опака колективна дијагноза –македонаски Стокхолм синдром. По 10 години, навистина не верувам дека некогаш воопшто ќе ни помине синдромот? Психологијата, исто така, ги третира случаите на семејното насилство, т.е. заглавеноста на некои жени во љубовно-омразна-садо-мазо конекција со брачниот другар како Стокхолм синдром. Експертите кажуваат дека кај ваквите личности зависноста од тиранинот може психотерапевтски да се третира и до десет години.
Клучно прашање овде претставува дали нашите грујовистички зависници ќе се испрепелкаат од љубовната  кал на неговата автократија? Дали воопшто и кога тие луѓе ќе го надминат и ќе се опорават од сопственичко-поседувачкиот третман од нивните грабнувачи-лишувачи од човечки права и фундаментални слободи? Дали додека се тираните во затвор, овие ГДОМнести џанки-грујовисти ќе завртат нова страна од животот или, пак,  по инерција ќе си продолжат уште долго да комуницираат преку љубовни писма со киднаперот? Ќе ни остане ли ова како хронична болештина што сме ја закачиле еднаш и ќе си ја носиме за навек, како Белорусите, Русите и сега веќе може да се каже и Србите? Дали во некоја западна лабораторија ќе се најде лекот за Стокхолм-сидромисаните колективитети кои се страсно соживеани со мачителот?

И што кога ќе дојде спасителот?

И најсетне, клучното прашање е дали кога ќе се појави ослободителот на сцената, или од небото ќе се спушти Светиот Георгија за да  ги симне 7-те глави на црната ламја, или кога пацифистички мудрец ќе се појави од далечниот исток со клучот што ги отвора катанците за ѓулињата од нашите нозе, дали ние ќе го препознаеме и ќе му помогнеме да ни помогне? Или, можеби сме веќе заглибени во синдромот во неговата доцна метастазирана фаза, па ирационално ќе ја одбиеме понудената рака до слободата?