Sunday, September 3, 2017

Повеќе од фифти-фифти за жените во политиката

Тоа што мажите според книгата на постанокот од Библијата се првата човеколика креација на Бога, тоа не значи дека се совршено битје. Напротив, животот на земјата и опстанокот на потомството зачувувањето на природата бараат многу повеќе од ефикасното складирање и процесирање на податоците во главата.


Менаџментот на жените
Просечниот штитеник на Марс има поголемата креативност но носи во себе посилна компонента на деструкција отколку една просечна штитенички на Венера. Мажите се ирационални и егоистични – она што го создаваат можат за го уништат за еден миг, како кравата со клоцањето на кантата млеко. За ова постојат бројни хипотези но и недвосмислени докази во историјата на војните. Супериорната физичка сила им дала да доминираат над женскиот род, иако, всушност, жената е идеалната човечка креација за микро-менаџирање: уредување животот во домот и семејството. И покрај еднаквите права пред законот,  бројот на самохрани татковци е значително помал од самохраните мајќи. Мажите, со чесни исклучоци, не го содржат во себе божествениот порив за растење на пород и продолжување на видот. Не ги знам бројките, но огромен е бројот и на спорови заведени во судот против неодговорни татковци што не плаќаат алиментација. И да не должиме, мажите во просек немаат еднакво чувство за живот. Илјада други реалистични и мерливи параметри ќе ви го потврдат истото: во мозоците на мајќите е вграден далеку подобар софтвер за основен семеен менаџмент. Конечно, штом жената подобро менаџира на микро-ниво, т.е. својата куќа, семејството, и уште ако добро и оди  со работната кариера, тогаш жената може да биде подобра за уредување на односите во државата. Тогаш жената е поподобна за во политиката.

 
Нокдаун статистики за мажите
За да се има поздрава држава, треба да се постигне мудроста на рамнотежата на јин-јанг, т.е. треба да се приближиме до моделот на владата на Канада, каде беше постигнат буквален џендер-баланс. Со оглед на бројките од психијатриските и казнените установи веќе сум склона да верувам дека за атер и за здравје на државата, многу повеќе жени отколку мажи се потребни во политиката.  Еве ви ги аргументите на мојата теза. Знам дека вам, мажите, ќе ви зададе нокдаун информацијава, но морам да ја соопштам вистината. Наскоро овие податоци ќе бидат објавени и во специјален извештај од Мониторингот на специјалните психијатриски болници од РМ. Имено, Хелсиншкиот Комитет направи мониторинг во рамките  на кој дојдовме до многу важни податоци во врска со човековите права и слободи во овие институции. Истражувајќи ги бројките, дојдов до интересни резултати: од околу 1200 штитеници на установата во текот на година дена, точно 25% се жени а 75% се мажи. Изненадувачки голема разлика! Зарем ова не значи дека  мажите се 3 пати поподложни на психијатриски заболувања, заклучете самите? Дали  од четири психијатриски пациенти тројца се мажи? Тоа е повеќе од евидентно. Дали веројатноста да еден маж политичар се претвори во психијатриски пациент е три пати поголема од веројатноста за една жена? И ова тврдење, верувам, статистачарите нема да ми го оспорат. Статистиките кај казнените установи, затворите, се слични. Доминантниот престапник на законот, а следствено и затвореник во една казнена институција е мажот. Ова преведено на јазикот на веројатноста во политиката е: секој маж-политичар со поголема веројатност ќе се претвори во крадец и злоупотребувач на функцијата отколку жената-политичар. Имај некој забелешка на овој исказ?

Погодна возраст
Анализата на штитениците на психијатриската установа по возраст,  покажа дека најзастапени се жените од 40-50 години. Тоа значи дека пикот на, наречете го, женското лудилое некако поврзано со периодот на менопаузирањето. Во превод, жените од оваа возрасна група треба да се држат надвор од политиката.  Затоа, пак, машкото лудилозема најголем замав кај старосната група од 50—60 години.  Јас би заклучила дека мажите можат да бидат подобри политичари само ако пораснат и созреат. Би додала уште дека и дека оваа возраст корелира со наглото опаѓање на потенцијата. Значи, требаат мажите во политиката на кои сексуалната активност да им е на залезот за да можат да се посветат на управувањето со државата. Веројатноста за појава на злоупотреба на државните кабинети за задоволување на сексуалните слконости или девијации е драстично помала кај просечен маж на возраст од над 60 години. 

Излегува дека, жената е поподобен човечки род за работа во политиката. Поготово, доколку децата (ако ги имала) се веќе испилени и одлетани, и кога микро-менаџментските проекти во домот и семејството се готови, кога професионалната кариера е беспрекорно стигната до врвот на хиерархијата, тогаш жената е идеалниот прототип на homo politicos. Заклучпкот е донесен  не само според менталниот склоп на роден менаџер, туку и според помалиот ризик од ментални и криминални девијации кај жената во однос на мажот. 

И навистина, доста ни беа во власта на РМ сите мочковци од пелени, сексуално девијантни личности со вградена хомофобија, хиперактивни сексуалци, криминалци и лудаци. Дајте им на жените да ги реинкарнираат руините од оваа земја.