Friday, September 22, 2017

Ослободувањето на професорот (Извадок од романот - Тајното Братство)

Искрено, не сум гледал ниту еден филм во кој агентите на ЦИА се прикажани како човечки суштества. За нас се има изградено мит дека сме нешто како надбитија или полубожества, т.е. митолошки суштества со повеќе животи. А, всушност, ние сме само натпросечно интелигентни луѓе, кои имаат и натпросечен интегритет. Особено, од агентите за специјални задачи се бара да имаат големо срце, полно со храброст и пожртвуваност. Агентите на ЦИА се тешко поткупливи. И, конечно, најсериозниот, а во исто време, и најпатетичниот предуслов е многу да ја сакаме татковината и да сме подготвени да паднеме жртви за нејзина добробит. И, ништо повеќе! Како и да е, со помош на холивидската продукција за нас надвладеа стереотипот дека немаме чувства и дека сме налик на титани кои се непобедливи. Идеологизацијата отишла дотаму што се мисли дека агент на ЦИА не оди ниту по мала ниту по голема нужда, и дека не прди и не подждригнува. Од нас очекуваат дури и кога сме средовечни накај стари да можеме да се сексаме како да имаме 20 години. Жалам што ќе ви ги урнам до самиот темел тие смешни илузии. Ние, агентите на ЦИА, исто како и сите вие, вршиме и физиолошки потреби, а и половиот орган со годините ни станува дисфункционален. Пиеме и разни апчиња за да ги надминеме разните состојби што доаѓаат со годините.

Јас, на пример, во моментов имам потреба да одам да мочам, а богами, и ми се прикака од чипсовите што ги изедов додека гледав порничи со ветеринари, но ситуацијата никако не ми дозволува да ги оставам мониторите без хуман надзор и да заминам по нужда во хемискиов тоалет во сред жолтово комбе. Стравувам дека може да ми се случи да пропуштам некоја случка и да не успеам да пренесам навреме евентуална ситуација што е од круцијална важност за безбедноста на мојата земја, Америка.
Решив да го истрпам зортот и да ги стегам сфинктерите додека се може, зашто морав да видам што ќе се случува со Смиле во занданата. Со него беше критично. Згора на сѐ, и адвокатот изгледа ја имаше тенденциозно одложено својата посета на притворениот професор. Се  запрашав: како ли ќе врши нужда без употреба на рацете, облечен во таа чудна кошула. Најверојатно човеков на крајот ќе се испомоча в гаќи. Претпоставував дека токму тоа им е и целта, да го понижат, да го згазат и да го сотрат неговото достоинство. Стравував човеков да не изнајде начин и да се самоубие поради очајот, но тој засега мирно си спиеше. Изгледа му имаа пропишано огромна доза седативи и антидепресиви за да не дозволат да посегне на себе, зашто ваквите случки најсилно одекнуваа во меѓународната јавност. Во затворите ваквите настани можеа да бидат зачеток на бунт. Решив и јас да отспијам малку, секако откако ќе се испразнам. Го програмирав интелигентниот будилник да ме разбуди штом Смиле промрда и ќе стане од креветот.            
Утрото се разбудив во 5 часот. Освен што му го дадоа појадокот на Смиле, а истовремено му го одзедоа душекот, ништо драстично не се случуваше, па јас повторно си задремав. Некаде околу 10 часот повторно ме разбуди каналот од ќелијата на Смиле. Од заднината на ходникот се слушаа звуци од некоја радиостаница. Имаше вести. Професор Смиле седеше на креветот и си дремеше во летаргична состојба. Постојано ги повторуваше истите зборови:„Кофа, кофа...Виктор, Виктор...“
На радиото јасно се слушаа дневните вести:
„...од наши доверливи извори дознаваме дека околу полноќ минатата ноќ, премиерот и министерот за фауна си поднеле оставки. Оставките засега се неофицијални, бидејќи ги испратиле како СМС-пораки до претседателот на Собранието на Република Македонија. Нешто подоцна, претседателот на Собранието добил уште една дигитална оставка, и тоа од министерот за хумани внатрешни работи. Од неофицијални извори дознаваме дека сите оставки се поднесени поради притисокот од меѓународната заедница за неправилностите и недоволниот број собрани докази од истрагата на местото на настанот во врска со аферата ‘Проф’... Инаку, дознаваме дека оставките следувале веднаш по состанокот што го имале тројцата функционери со американската амбасадорка, нејзината екселенција, г-ѓата Џеси Блекбери...“
Наеднаш професорот се исправи, застана како за во строј во војска. Наеднаш почна да се смее и да плаче истовремено. Хистерија траеше неколку минути. Стражарот се приближуваше до вратата на притворениот Смиле, гледајќи ја оваа негова реакција со неверување.
                   „Еве ти, професоре, на, еве ти, земи и читај! Стигна од судијата дека обвинението е повлечено од страна на обвинителот. И лекарката Јелка потпишала дека можеш да излезеш, а и директорот на санкции е потпишан. Еве, потпиши се тука дека си го примил и задржи една копија!“, со воздишка заврши стражарот.
                „Ајде, облекувај се, зашто дојдоа дваесетина твои студенти по тебе со транспаренти на кои пишува: ‘Слобода за професор Смиленски...’ Те пуштаат веднаш да си одиш дома. Нормални ли се тие? Ееееј, улав народ! За час ќе им се убиеш ако не си под мој надзор, колку си ненормален! Првата кофа и – опааааа, отиде јабана! Туку, кој ме прашува мене?! А, треба да ме прашаат, зашто и јас знам некои работи што тие не ги знаат“, изговори гневно стражарот и на заминување ги фрли цивилните облеки на креветот на Смиле. Патем, ја остави вратата од ќелијата ширум отворена. 
Вестите на радиото продолжија по рекламите додека Смиле се облекуваше во цивилните одежди.
„... денешни извадоци од билтенот на Министерството за фауна: ...кај градскиот плоштад во близината на споменикот ‘Сашко на коњот’ се случи необичен злосторнички настан. Имено, кон 18 часот и 30 минути, точно 42 граѓани што излегувале од Музејот на жртвите на комунизмот и се упатиле да му се поклонат на колосалниот споменик ‘Сашко на коњот“ пријавија дека биле гризнати од 42 најразлични кучиња скитници. Кучињата откако го сториле кривичното дело ‘физички напад од фауна врз хумани ресурси’ пребегнале во сурија кон Градскиот парк. Се шпекулира дека кучињата биле потоа видени како се собираат кај чешмичката и дека се наредиле во круг, а потоа организирано, едно по едно, мокреле врз еден стар валкан машки чорап, кој бил поставен врз шест ситни јајца. Ова несоодветно однесување на кучињата научниците од бихевиоралната кучешка наука го припишуваат на  енормното загадување со ПМ10-честици, но и на неквалитетот на водените молекули во составот на ланскиот снег... Времето денес ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд во попладневните часови...“
Професорот се облече, уредно ја здипли робијашката облека и заедно со лудачката кошула педантно ги положи на  креветот. Излезе надвор од ќелијата и продолжи по ходникот - Ц, помина крај сопчето за бањање и дезинфекција, преку вратата на надзорниците, па полицајците на излезот, па конечно излезе низ злогласната црна врата. Оваа локација, за жал, не ми беше покриена со сигнал, но сепак, говорот оттаму  јасно се слушаше. Едниот од стражарите и полицајците беше шегобиец, па се обиде да го задева:

                „Побрзај профо, треба твојата ќелија да се исчисти за да сместиме нов гуштер. Некој млад ветеринар ни доаѓа на твоево место. Во моментов го бањаат. Кога го притворале, сакал да им скокне од прозорец од 15 кат... За него поднеле обвинение за сексуална изопаченост, т.е. за зоофилија во стек со некрофилија. На Фејсбук веќе кружи една слика на која се жвалел со умрено куче. Сликата веќе имала заработено над дваесет илјади лајка. Бљак...“